за ,

Volvo Amazon: Тој го градеше имиџот на шведската марка

Volvo Amazon е моделот што пред шест децении ѝ донесе светска слава на марката од Гетеборг, со неодоливата форма на каросеријата и со легендарната неуништливост.

Два автомобила се заслужни за историската прествртница на марката Volvo. Првиот е PV444, препознатлив по заоблениот опаш во стил на предвоените модели, со кого што шведската марка постигна значително зголемување на производството, како „народен автомобил“. Но, освојувањето на светскиот пазар со елегантни лимузини и семејни комби модели на Скандинавците им успеа дури со автомобилот што уште немаше добиено ниту моделска ознака при првото претставување во февруари 1956 година. Во тоа време Volvo уште ги немаше обезбедено правата за користење на предвидената моделска ознака Amazon на сите пазари кадешто автомобилот требаше да се продава. Поради тоа, лимузината од средната класа на пазарите надвор од Скандинавија во почетокот се продаваше под обичната моделска ознака P120, но и без тоа, сите го познаваа како Amazon.

Volvo 121 Amazon
Volvo 121 Amazon

Моделот е познат и по буквално неуништливиот мотор со ознака B18, со кого што подоцнежниот модел Volvo 1800 S се впиша во гинисовата книга на рекорди со неколку милиони изминати километри. Спортските квалитети, пак, му обезбедија на Amazon доминација во светските шампионати со туристички автомобили во 1950-те и 1960-те години. Светскиот шампион во формула 1, Мајк Хоторн, при првото тест возење оцени дека автомобилот е „брз како ракетен старт“. Со неколку иновации во безбедноста, како арматурна табла обложена со меки материјали и безбедносни ремен со три точки, Volvo ја одржуваше свежината на моделот дури до 1970-те години. Единствено Citroen DS го надживеа долгиот моделски век на Amazon. Обата модела се појавија на пазарот во исто време, но застапеноста на француската легенда по патиштата веќе почнуваше да се намалува, додека повеќето произведени примероци од Volvo Amazon и натаму возеа. Дел од нив и денес се возат секојдневно.

Најголемиот продажен успех следуваше дури откако моделот влезе во единаесеттата година од неговото присуство на пазарот. Во меѓувреме, повеќето од неговите конкуренти со исто годиште веќе добија наследници, па дури и Volvo се обиде да го замени со наследникот од серијата 140, со помодерен дизајн. Но, Amazon дури и во 1967 година уште се противеше да го напушти врвот на продажните статистики на шведскиот пазар. Згора на тоа, во истата година, „олдтајмерот“ придонесе Volvo да ја постигне најдобрата продажба на северноамериканскиот пазар. Дел од заслугата за тоа ја имаше и комби изведбата P220, со дводелна задна врата, токму по вкусот на тамошните купувачи. За разлика од кутиестиот Duett, како прв модел во легендарната комби-серија на Volvo и изведен од доставно возило, комби верзијата на Amazon настапуваше со стил.

Volvo 122 постигна значаен успех и на пазарот во САД
Volvo 122 постигна значаен успех и на пазарот во САД

На тој начин беше обезбеден солиден темел за наследникот Volvo 145, кој постигна уште поголем успех, особено откако во 1969 година запреа лентите за производство на Amazon P220, заради ослободување на капацитетите за новиот модел. На 3-ти јули 1970 година, последната лимузина од Amazon беше пренесена од фабриката во Торсланда директно во музејот на Volvo.

Во почетокот воопшто не се наѕираше подоцнежниот успех на автомобилот што низ целиот свет се продаде во вкупно 667.000 примероци. За деветте месеци по стартот на производството, на домашниот пазар се продадоа само 1.600 примероци, додека стариот модел PV444 во истиот временски период постигна продажба од 19.000 возила. Извозот исто така стартуваше со тешкотии. Како локација за светската премиера на лимузината креирана од главниот дизајнер Јан Вилсгард намерно беше избран изложбениот центар „Earls Court“ во Лондон, каде што лимузината со елегантна форма и каросерија лакирана во две бои, со кабина просторна исто колку на тогашната класа S на Mercedes при должина од само 4,45 метри и со цена на модел од средната класа можеше да се претстави во најдобро светло пред светот. Но, зошто купувачите се колебаа за овој автомобил?

Volvo 123 GT Amazon
Volvo 123 GT Amazon

Причината беше во моторот. Во 1958 година, Volvo понуди посилна верзија од 1,6-литарскиот мотор, со карбуратор со две грла, моќност од 85 КС и со четиристепен менувач, покрај основниот модел со само 60 КС и застарен менувач со три степени. Во исто време започна и изградбата на модерна фабрика во Гетеборг, со којашто Volvo требаше да се придружи во лигата на големосериските производители на автомобили во Европа. Оттогаш почнаа да растат и бројките на продажбата, а добар маркетиншки ефект постигна и тоа што данската престолонаследничка, принцезата Маргарета го избра Amazon.

Откако шведските чувари на редот во 1958 година се решија возниот парк да го префрлат на „релијашкиот“ Amazon Sport во борбата против прекршителите на сообраќајните правила, полициски сили од повеќе земји, меѓу другото и од далечните Перу, Чиле или Нигерија, го следеа чекорот на Швеѓаните со изборот на брзите лимузини. Со спортски машини со моќност до 128 КС, Volvo триумфираше на сите маратонски трки во тоа време, како на пример на канадското рели на 4.000 милји, каде што и покрај послабата моторизација успеваше да ги победи Porsche, Pontiac GTO или Ford Falcon.

5733_Volvo_122_S_and_P220_AmazonVolvo се гордееше и на имиџот на што неговиот Amazon го уживаше меѓу дамите. Името на автомобилот асоцираше на воинствените жени од античкото време, па затоа и на повеќето реклами во неколкуте први години по пазарниот старт на моделот, покрај него позираа наоружани дами. Секако дека тоа придонесе да се постигне голем удел на дамите во кругот на купувачи на Amazon. За добриот имиџ се погрижија и успесите на рели-возачката Силвија Остерберг, која освои повеќе шампионати со Amazon. Од октомври 1961 година, Швеѓаните веќе го нудеа моделот и во лимузинска верзија со две врати.

5650_Volvo_Amazon_122Следеше новитетот под хаубата, моторот B18 од спортското купе P1800. Внимание привлекоа и студиите на купеа на база на Amazon, како и кабриолет верзијата изработена од белгискиот каросерист Жак Куне, којашто се појави на салонот во Брисел во 1963 година. На разочарување на многубројните љубители на возењето под отворено небо, овој кабриолет се произведе во мошне ограничена серија. Истото важи и за Amazon/123 GT со моќна машина со 103 КС, претставена во август 1966 година. Со овој спортски модел изработен во само 1.500 примероци беше достигнат врвот на кариерата на Amazon.

По престанокот на производството на лимузинската верзија кон крајот на 1967 година, во понудата останаа изведбата со две врати и комбито, кои во следната година го добија дволитарскиот мотор B20, заедно со иновативен систем за прочистување на издувните гасови. Во меѓувреме, технички усовршениот наследник Volvo 144 почна постепено да презема доминација над Amazon, така што последните примероци од комбито се произведоа во 1969, а во следната година и од лимузината со две врати.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen пристига со теренец од Polo на салонот во Женева

Три варијанти на Bentley Mulsanne за Женева