117
16 shares, 117 points

Овој модел на Volvo беше различен од другите, со преден погон и со попречно вграден петцилиндарец. Со Volvo 850, шведската марка сакаше да „посегне по ѕвездите“ и успеа.

Како дел од проектот Galaxy, со цел шведската марка да посегне по ѕвездите, односно да го поврати сјајот на премиум-производител, Volvo 850 смени многу работи во марката. Тој пристигна со преден погон и со петцилиндарец вграден попречно. Значајно поглавје во историјата на моделот оставија и успесите на тркачките патеки, а 850 беше и прв модел на Volvo достапен со погон на сите тркала.

Volvo_850_R

Светската премиера се случи на 11-ти јуни 1991 година во „Глоуб Арена“ во Стокхолм. Volvo 850 во тоа време беше една од најголемите индустриски инвестиции во земјата и целосно го промени дизајнот на шведската марка. Слоганот гласеше „динамичен автомобил со четири светски премиери“, кои се однесуваа на попречно вградениот петцилиндарски мотор, новата задна оска Delta со повеќе водилки, интегрираната заштита при страничен судир SIPS и автоматското местење на висината на предните безбедносни ремени.

Од проектот Galaxy излегоа две моделски серии, 400 и 800

Проектот Galaxy резултираше со две моделски серии, шведска и холандска, кои ја делеа технологијата. Холандската компанија Volvo Car B.V. ја разви серијата 400, додека шведскиот Volvo Cars излезе со серијата 850. Прв модел беше 850 GLT, со четиривентилец со 170 КС и со препознатлив звук.

Три години по премиерата на лимузината следеше и комби моделот, со остро засечен опаш во стилот на традицијата на Volvo. Новитет во дизајнот беа вертикално поставните задни светла кои го покриваа целиот заден столб. Реакциите на публиката и медиумите беа одлични. Во 1994 година, комбито доби награда за најдобар дизајн во Јапонија, додека Италијанците го прогласија за најубаво комби.

Volvo_850_T5_R

Кулминацијата следеше со премиерата на 850 T-5R на салонот во Женева во 1994 година. Volvo првично планираше да го понуди моделот само во ограничена серија од 2.500 примероци, со впечатлива жолта боја на каросеријата. Моторот со турбонатполнење ослободуваше 240 КС и вртежен момент од 330 њутнметри. Моделот беше снабден со специјални спојлери, коцкаст завршеток на издувната цевка и посебно дизајнирани бандажи од 17 инчи. „Жолтата серија“ се распродаде за само неколку недели, потоа следеа уште 2.500 црни примероци и на крај исто толку зелени примероци од T-5R.

Volvo се појави на тркачката патека со комби модел

Специјалниот модел не пристигна случајно. Во истата година Volvo се врати на тркачките патеки – со комби модел! Тркачото комби привлече големо внимание во британскиот шампионат на кружни патеки во тимот на Том Вокиншо. По измените за следната сезона,Volvo сепак мораше да вози со лимузинскиот модел, а Рикард Ридел го заврши шампионатот на третото место.

Volvo_850_Racing_BTCC

Уште од почетокот, Volvo 850 важеше како „најбезбеден автомобил во светот“, но во 1995 година следеше уште една пресвртница, со премиерното вградување на странични воздушни перници.

Во 1996 година Швеѓаните го претставија и првиот свој модел со погон на сите тркала. Volvo 850 AWD поседуваше постојан погон на сите тркала, со вискозна спојка за распределба на вртежниот момент меѓу оските. При пролизгување на задните тркала, електронскиот систем за контрола на тракцијата автоматски ја префрлуваше силата на предната оска. Овој модел поседуваше мотор со мал притисок на натполнење и 193 КС.

Близу 1,4 милион примероци се продадоа од сите модели на база на 850

Последните примероци под ознаката беа произведени во 1996 година, за следната година лимузината да биде преименувана во S70, а комбито во V70, заедно со темелно освежување. Од целата серија се произведоа вкупно 1.360.522 примероци.

Volvo во моментов е во завршно тестирање на верзијата Cross Country од новото комби V90, коешто го продолжува ова славно поглавје на шведската марка.

[FAG id=24643]


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

117
16 shares, 117 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *