за

Volvo 240: Поради овој модел ја сакавме (и ја сакаме) шведската марка

Тој е еден од автомобилите што најдолго се произведуваа и уживаше култен статус уште пред да се повлече. Volvo 240 и луксузниот Volvo 260 го изградија „безбедниот“ имиџ на марката.

Во 1974 година вниманието на целиот свет беше посветено на Шведска. Групата „Аба“ победи на Евровизија, а Бјорн Борг молскавично се искачи на листата на најдобри тенисери во светот. Но, и Volvoсе најде во центарот вниманието. На 21-ви август 1974 година во гратчето Борланге во централна Шведска беше претставен новиот Volvo 240, како наследник на серијата 140. Највпечатлив белег на новакот, покрај портокаловата каросерија, како тогашен хит, беа масивните браници, по пример на концептниот автомобил VESC.

Тоа по што најмногу ќе се помни овој модел се високите безбедносни стандарди што ги постави возилото и коишто беа потврдени од американската асоцијација NHTSA, истата онаа којашто сега им пишува црни наслови на производителите на автомобили, особено по последната серија тестови. Во 1976 година, Volvo 240 беше најбезбедниот автомобил според асоцијацијата. Друга институција за безбедност (IIHS) го класифицираше Volvo240 како автомобил со најмалку смртни случаи при незгода, во целиот период од 1988 до 1992 година.

Екологијата исто така беше еден од приоритетите на Швеѓаните. Во есента 1976 година, Volvo 240 замина во извоз за Калифорнија, како прв автомобил во светот со регулиран триканален катализатор и ламбда сонда. Со последнава технологија, издувот беше за 90 проценти почист. За еколошката погодност придонесоа и новите мотори. Чеитрицилиндарецот B20 остана во понудата во основните моделски изведби, но најмногу се бараше новиот B21, во верзии со карбуратор или со вшприцување на горивото. Подоцна беше воведен и поголемиот B23. Неговата верзија со турбонатполнење направи Volvo 245 да биде најбрз комби во тоа време, со 154 КС и забрзување за 8,9 секунди до сто.

Многу порано од конкуренцијата беше воведен и првиот дизел со шест цилиндри. Големиот дизел беше развиен заедно со Volkswagenи се одликуваше со култивирана работа и потрошувачка од 6,9 литри дизел при 90 km/h. Во октомври 1974 година почна новата ера со новите бензински мотори V6, наменети за ексклузивната потсерија 260, најлесно препознатлива по големата маска. Под хаубата работеше 2,7-литарски V6, развиен заедно со Peugeot и Renault, со 140 КС. Volvo 245 беше зачетник на трендот на комби модели со моќни шестцилиндарци. Моторот се најде и во многу поубава средина, во екстравагантното купе. Во периодот од 1977 до 1981 година, Volvoпроизведе 6.622 примероци од 262 C заедно со италијанската фирма Bertone.

Лимузината 264 ТЕ имаше меѓуоскино растојание продолжено за 70 сантиметри, исто колку и комбито 245T. Моделот Volvo 244 DLS беше едно од ретките „западни“ возила што се продаваше во тогашната ДДР. Оваа специјална серија од 1.000 примероци се базираше на 244 DLод 1978 година, но имаше нос од Volvo 264. Возилата се продадоа за само неколку денови.

На 5-ти мај 1993 година беше произведен последниот примерок од Volvo 240. Примероци од оваа серија достигнуваат високи цени на пазарот на олдтајмери, особено турбо-верзиите. Швеѓаните имаат и добро развиена мрежа за снабдување со резервни делови за старите возила директно преку производителот, а залихата постојано се обновува со нови произведени делови. Во 19-те години се произведоа 2.862.573 примероци од серијата, од кои 177.402 примероци од ексклузивниот Volvo 260. Не постои друг автомобил од Шведска што се произвел во поголема серија. Популарноста на Volvo 240 беше толку голема што тој остана да се произведува уште една година по повлекувањето на неговиот наследник Volvo 740 од производствените ленти. Галеријата со сите моделски изведби од серијата на Volvo 240 можете да ја погледнете на страницата на Automedia на Facebook.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Рекордни 38 милиони долари за „најчуваниот“ Ferrari

За прв и последен пат: Шестте „легенди“ на Bugatti на едно место