за

Volvo одбележува десетгодишнина од преоѓањето во Geely

Volvo одбележува десетгодишнина од преоѓањето во Geely
Volvo одбележува десетгодишнина од преоѓањето во Geely

На 28-ми март пред десет години започна враќањето на Volvo во стариот сјај, откако шведската премиум марка излезе од групацијата на Ford и доби свеж капитал како дел од кинескиот концерн Geely.

Бројките покажуваат јасно. Од 21.500 вработени во 2011 година, на 43.000 вработени во 2019 година и раст од 449.225 на 705.452 продадени автомобили во периодот меѓу 2011 и 2019 година. За успешното работење уште подобро сведочи зголемениот промет од 126 на 274 милијарди шведски круни, како и речиси десеткратно зголемената заработка, од 1,6 милијарда круни на 14,3 милијарди круни, во временската рамка од 2011 до лани.

Оваа успешна трансформација следеше откако Volvo стана дел од кинескиот концерн Geely пред десет години. Многумина тогаш гледаа со недоверба на овој крупен бизнис потег и веќе ја „отпишаа“ шведската марка, затоа што еден премиум производител со одличен имиџ и врвни модели стана дел од кинеска корпорација. Но, тоа како да беше предизвик за Швеѓаните, да се вратат на големата сцена и да го обноват сјајот што нивната автомобилска марка го имаше пред кризата, кога стана дел од американскиот Ford, заедно со Aston Martin, Jaguar, Land Rover и други марки.

Volvo се покажа како предводник на браншата, со откажувањето од скапи салонски штандови и ограничување на понудата од мотори

Денес Volvo е пример за успешно трансформирана автомобилска компанија, којашто храбро ги отфрли непотребните товари од традицијата и се ориентираше кон електромобилноста и кон одржливоста на животната средина. Volvo беше меѓу првите големи производители што се откажа од „расипничкото“ присуство на големите салони на автомобили и ја скуси палетата од мотори за вградување во својата гама, посветувајќи се повеќе на електрификацијата на погонот. Овие чекори денес се апсолутен стандард во браншата и истите ги следат најголемите автомобилски концерни.

Volvo Cars денес е посилен од кога било досега. Со Geely започнавме нова успешна фаза, што не донесе до сосем ново ниво. Целосно ја обновивме нашата понуда од модели, воспоставивме глобално присуство, речиси ја удвоивме нашата продажба и станавме профитабилна компанија.

Хакан Самуелсон, извршен директор на Volvo Cars

До 2025 година, Volvo цели да стане лидер во електрификацијата и планира половина од вкупната продажба на автомобили да ја постигнува со целосно електрични автомобили. Другата половина ќе бидат хибридни модели. Овие автомобили ќе се базираат врз SPA2, нова генерација на модуларната платформа.

Volvo ја пушти новата монтажна линија за батерии во Гент

Меѓу следните чекори се воведување нови видови на услуги на мобилност, од типот на претплата на автомобил и подиректни онлајн-услуги, како и вградување на понапредни системи за автопилотирано возење, кадешто Volvo се гледа како лидер во браншата.

Во 2019 година, Volvo првпат во историјата продаде повеќе од 700.000 возила, со шест последувателни рекорди во продажбата и профитот

Кинескиот концерн Geely всушност се покажа како одличен финансиер на марката, без да навлегува во техничката компетентност на Volvo. Шведската компанија е технички независна, произведува глобално, има одличен имиџ, и секако, има финансиска стабилност како дел од Geely.

Volvo продажба во свет

Вистинското обновување на моделската понуда започна во 2014 година, со СУВ-моделот XC90. До денес е сменета целата понуда од лимузини, комби-изведби и СУВ-модели во моделските семејства 60 и 90. Истото важи и за серијата 40, базирана вра заедничка платформа CMA со кинескиот партнер, со мошне успешниот XC40, чијашто чисто електрична верзија наскоро стартува со производство и испорака.

Од две фабрики во 2010 година, Volvo денес располага со уште дополнителни четири фабрики ширум светот, вклучувајќи развоен центар во Кина и фабрика во САД.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes со 3D-печатачи ќе учествува во производство на медицинска опрема

Mercedes со 3D-печатачи ќе учествува во производство на медицинска опрема

Mitsubishi eK Wagon автомобил на годината во јапонија 2020

Mitsubishi eK е актуелниот автомобил на годината во Јапонија