за

Volvo ќе произведува, Uber ќе купува автомобили без возач

uber незгода

Шведскиот производител на премиум автомобили Volvo стартува соработка со водечката компанија за алтернативен превоз Uber, во развој на следната генерација на автономни возила. Реалноста на превозот без возач се наѕира сé поблизу.

Volvo и Uber започнуваат заеднички проект за развој на автомобили што ќе располагаат со последната технологија на автономно возење, вклучувајќи и модели коишто ќе го вршат превозот целосно автоматски, без потреба од возач зад воланот. Возилата за Uber ќе ги развие и произведува Volvo Cars. Двата партнера во проектот вложуваат 300 милиони американски долари.

Uber и Volvo ќе користат иста основа на возило, којашто потоа ќе се приспособува според различните потреби на партнерите. Тоа значи дека и компанијата за алтернативен превоз Uber и шведскиот производител ќе вградуваат различни системи за автономно возење од сопствен развој во возилата.

„Volvo е светски лидер во развојот на активна безбедност и технологија за автономно возење. Горди сме што Uber, како една од водечките компании за технологија во светот, нé избра за партнерството. Со оваа соработка, Volvo се наоѓа во срцето на актуелната технолошка револуција во автомобилската индустрија“

Хакан Самуелсон, шеф на Volvo Cars

Како основа за возилото ќе се користи модуларната платформа SPA, истата што ја поседуваат спортскиот теренец XC90, лимузината S90 и комбито V90. За оваа платформа, шведската компанија вложи 11 милијарди американски долари во 2010 година, со цел да се обезбеди основа што ќе може да се користи за електричен и плагин-хибриден погон, како и за новите генерации на системи за асистенција.

Volvo ќе работи на развојот на заедничкиот автомобил, додека Uber ќе има постојан надзор и можност да интервенира во развојот. Целта при развојот е да се задоволат сите барања за безбедност, издржливост, како и барањата на новите технологии што ги наметнуваат автономните возила.

Каланак: „Со спојувањето на капацитетите на Uber и Volvo побрзо ќе стасаме до иднината, заедно“

Извршниот директор на Uber, Травис Каланик, смета дека автономната технологија ќе даде голем придонес за подобрувањето на безбедноста во сообраќајот: „Над еден милион лица загинуваат секоја година во сообраќајни незгоди со автомобил. Технологијата на самостојно возење може да помогне во спречување на овие трагедии, но ние не можеме да го постигнеме тоа сами. Поради тоа е особено важно нашето партнерство со Volvo, како лидер во развој на возила со врвни безбедносни стандарди.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Париските улици недостапни за возила постари од 1997 година

Mercedes-Maybach 6: Повеќе луксуз планетата не поднесува