за

Volvo ќе ги продава своите автомобили преку интернет

Од следната година Volvo ќе ја понуди целата моделска гама на продажба преку интернет. Целиот настап на шведската марка на интернет се конципира од ново, се преземаат многу радикални чекори.

Шведската марка го засилува својот маркетиншки настап на интернет и од следната година најавува стартување со продажба на целата моделска понуда на интернет. Според шефот за маркетинг Ален Висер, „тоа е добро и за градење на имиџот“. Тој уште не ги открива очекувањата за уделот со којшто продажбата преку интернет ќе учествува во вкупната продажба на возила на Volvo, но затоа наведува дека прифатеноста на новиот канал на продажба е значително зголемена отколку пред неколку години.

Оптимизмот на Висер се темели на одличното искуство со продажбата на специјалната воведна серија од новиот XC90 во септември, којашто беше достапна исклучиво преку интернет. Ограничената серија од 1.927 примероци се распродаде за само 47 часови, иако во тој момент Volvo немаше произведено ниту еден сериски примерок од моделот. Доколку не се појавеа технички проблеми, Швеѓаните ќе ја продадеа серијата за само два часа.

Тоа е доверба во марката: Нарачување автомобил вреден 100.000 евра преку мобилен

Основа за успешната акција преку интернет била одличната подготовка. Посебен тим цела година работел на концептот. Првиот човек на маркетингот во Volvo открива дека околу шест проценти од нарачките биле извршени преку мобилен телефон: „Некои клиенти нарачаа автомобил скап преку 100.000 евра само преку мобилен телефон, без воопшто да го видат автомобилот реално.“

Воведната серија со цена од преку 100.000 евра се распродаде за неполни два дена, исклучиво преку интернет и на „невидено“
Воведната серија со цена од преку 100.000 евра се распродаде за неполни два дена, исклучиво преку интернет и на „невидено“

Секако дека купувачите треба прво да се привлечат и Volvo ќе го реализира тоа со повпечатливи интернет страници, вклучувајќи целосно нов концепт и изглед на конфигураторот. Дизајнерот Томас Ингенлат ќе креира однапред подготвени конфигурации на возила, коишто потоа купувачите ќе можат да ги модифицираат според свој вкус и можности.

Сето ова претставува само дел од новиот маркетиншки концепт на шведската марка. Во иднина Volvo ќе учествува само на еден салон на автомобили на еден континент. Во Европа е избран салонот во Женева, парискиот или франкфуртскиот салон отпаѓаат. „Даваме милиони евра само да покажеме дека останатите премиум марки, како BMW или Mercedes, се многу поголеми од нас,“ објаснува Висер. Од спонзорските активности продолжува единствено поддршката на светски познатата „Океанска трка на Волво“. Фудбалот не е тема со којашто Швеѓаните би сакале да се занимаваат. „Не можам да разберам, како една автомобилска марка може да плаќа милионски суми за спонзорство, на пример на Барцелона, а со тоа да иритира 80 проценти од Шпанците“, резимира шефот на маркетинг на Volvo.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skoda со три спапоцени олдтајмери на релито Визбаден

Renault Kwid за 4.000 евра – само за Индија