за

Volvo тестира „самовозечки“ камион за собирање отпад

Volvo започна проект со камион за собирање отпад што запира автоматски пред секоја канта и буквално како кутре го следи работникот до следната канта. Технологијата за автономно возење ќе промени многу работи во блиска иднина.

Производителот на камиони Volvo тестира како технологијата на автономно возење може да придонесе за побезбедна и пофикасна работа на комуналната служба за собирање отпад. За подобри работни услови на возачот, исто така. Автопилотот не е новитет во камионите на шведската марка. Од минатата есен, автономен камион на Volvo работи секојдневно во рудникот Кристинеберг во северна Шведска.

Според Volvo Trucks, возењето во тесни улици во резиденцијални подрачја честопати доведува до опасни ситуации, иако брзините се ниски. За тоа да не се случи, сензорските системи на автономниот камион постојано ја надгледуваат средината и запираат веднаш кога на патот ќе се појави пречка.

Volvo Trucks - автономен камион за собирање отпад

При првата примена на камионот во одредено подрачје, возачот го управува возилото, додека техниката ја мапира рутата со помош на сензори и сателитска навигација. Следниот пат кога камионот ќе пристапи во подрачјето, техниката точно ја знае рутата и точно знае каде да запре за собирање отпад.

Автономниот камион на Volvo вози наназад додека возачот продолжува пеш до следната канта

Откако ќе го активира автопилотот, возачот излегува од камионот, се упатува кон задниот дел од возилото и ја празни кантата за отпад. Потоа возачот му дава команда на камионот да се врати наназад, до следната канта. Но, зошто камионот се враќа наназад?

Од Volvo Trucks објаснуваат дека на тој начин возачот не мора постојано да се качува и да седнува зад воланот, па потоа да се враќа зад камионот, туку едноставно продолжува пеш до следната канта за отпад, додека камионот буквално го следи и запира автоматски на претходно мапираното место. Не е изненадување тоа што Швеѓаните посветуваат големо внимание во обезбедувањето пристојни услови на работа.

Доколку на претходно мапираната рута се појави пречка, на пример паркирано возило, техниката за автономно возење на камионот самостојно ја обиколува пречката – секако, во рикверц. Сензорите реагираат и доколку на улицата ненадејно истрча дете, веднаш запирајќи го камионот. Со автопилотот се постигнува и заштеда во гориво, затоа што менувањето на степените на пренос е оптимално, исто како и управувањето и брзината на возење.

Техниката постои и има достигнато зрела фаза, но останува уште долго време за развој и тестирање додека автономните камиони за собирање отпад стапат реалност. Тековниот проект ќе продолжи до крајот на годинава, по што ќе следува процена на функционалноста на системот, на безбедноста, и најважно, прифаќањето на системот од страна на возачите и на локалните жители.

Во меѓувреме, возила со висок степен на автоматизација наскоро ќе се користат во поголем обем во изолирани подрачја, на пример во рудници или на карго-терминали.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Уште еден нов модел од Чешка: Дали Skoda е новиот Volkswagen?

Стартуваше производството на новата Ford Fiesta