за

Volvo го претвора идниот XC90 во концертна сала

Откако го прикажа револуционерниот кокпит на идниот теренец, Volvo сега најавува и врвно акустично доживување во кабината на XC90, со озвучување со моќност од 1.400 вати и 19 звучници.

Половина година пред почетокот на продажбата на новиот XC90, Volvo најавува „единствено акустично доживување, исто како во концертна сала во Гетеборг. Озвучувањето во новиот теренец е дело на британските специјалисти Bowers & Wilkins и се состои од 19 звучници, засилувач од 1.400 вати и контролен софтвер. За познавачите: Високотонците се од алуминиум, среднотонците од кевлар – обата материјала спречуваат дисторзија на звукот.

Покрај 12-каналниот засилувач од класа D со моќност од 1.400 вати и потпис на Harman-Kardon, во кабината на XC90 ќе работат вкупно 19 звучници: Седум 25-милиметарски високотонци Nautilus, седум среднотонци (5 х 100 mm и 2 х 80 mm) со карактеристичната жолта боја на B&W и кевларска мембрана што се гледа зад панелот, четири басови во форма на инка (200/165 mm) и сабвуфер по принцип на бас-рефлекс, што првпат се вградува во автомобил. Место во посебна кутија, сабвуферот е интегриран во каросеријата.

Аудио-системот на Volvo XC90 располага и со најновиот софтвер од шведскиот специјалист Dirac Research, којшто го распределува звукот кон избраните седишта или кон сите седишта. Софтверот веродостојно ја репродуцира акустиката на концертната сала во Гетеборг, матичниот град на Volvo. По избор на возачот, големиот Volvo се трансформира во концертна сала, студио за снимање или бина. Колку ќе изнесува цената на овој Premium Sound System уште не се објавува, но сигурно ќе вреди колку малечок автомобил.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Dacia продаде 600.000 возила во Франција

Загубен клуч може да чини и до 670 евра