за

Volvo ја преселува европската продукција на S90 во Кина

Volvo преоѓа на следниот чекор до планираната годишна продукција од 800.000 возила и најави дека во блиска иднина целата европска продукција на знаменосецот S90 ќе ја преземат кинеските фабрики. За убедување дека оваа преселба нема да влијае врз квалитетот и престижот на марката, Volvo ја претстави S90 Excellence, како најлуксузен автомобил воопшто произведен во Кина.

Шведската премиум марка ја претстави продолжената верзија на S90 за кинескиот пазар, заедно со нејзината луксузна изведба S90 Excellence. Обете верзии на знаменосецот на Volvo ќе имаат премиера на салонот во Ганжу, како најлуксузни автомобили воопшто произведени во Кина – ако се изземат претседателските лимузини произведувани под „црвеното знаме“.

Volvo S90 Excellence

Фабриките на Volvo во Кина ќе одиграат важна улога во достигнувањето на планираната годишна продукција од 800.000 возила до 2020 година, толку важна што Швеѓаните во иднина ќе ја преселат целата европска продукција на својот знаменосец S90 во големата азиска земја. Ова не е нивна прва рокада на глобалниот пазар. Volvo беше прва марка од Европа што извезе автомобил од кинеска продукција на пазарот во САД, со S60 Inscription во 2015 година. Лимузината мина примерно и на тестовите од американската агенцијата за безбедност во сообраќајот.

Табуретка за потпирање на нозете место совозачко седиште

Подеднакво е храбар и чекорот S90 Excellence да се испорачува со табуретка за потпирање на нозете место совозачко седиште, што Volvo го нарекува „lounge console“. Ексклузивниот модел е наменет за шефовите што времето минато во автомобилот можат да го искористат за релаксација, додека шоферот ги вози до одредиштето. Во пакет со тоа одат и врвни материјали, како заокружување на луксузниот карактер на S90 Excellence.

Volvo S90 Excellence

Речиси целиот покрив е под стакло, вградени се преклопливи масички и практични прегради, разладувани или загревани држачи за чаша, приспособлив потпирач за нозе и голем дисплеј за ракување со многубројните функции што им стојат на располагање на шефовите во S90 Excellence. Вграден ладилник и рачно изработени кристални чаши од шведскиот производител Orrefors секако се подразбираат.

Excellence ќе се испорачува само во хибридната верзија T8 Twin Engine

Локалниот S90 ќе се испорачува во бензинските варијанти T4 и T5, исто како и во хибридната верзија T8 Twin Engine, којашто е единствена погонска опција кај S90 Excellence. Меѓу системите за асистенција не недостигаат системот за предупредување при животно на патот, приспособлив темпомат кој „делумно“ го заменува возачот до брзини од 130 km/h или систем за самостојно запирање при критични ситуации во градски сообраќај.

Во услови на енормна загаденост на воздухот во кинеските метрополи, сопствениците ќе го ценат и четиризонскиот клима уред CleanZone, со јонизатор и надгледување на концентрацијата на честички PM 2,5 во реално време.

Volvo S90 штотуку стартува на производствената линија, додека луксузниот S90 Excellence следи в година. Освен Volvo S90, во Кина се произведуваат уште два премиум модела од вишата класа, Mercedes E-Class и Audi A6, секако во верзија со продолжено меѓуоскино растојание, а наскоро следува и новата генерација на серијата 5 на BMW, по стапките на претходникот.

[FAG id=26108]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ова не е играчка: Избор за модел на автомобил на годината

TUV го објави списокот на најиздржливи и најрасипливи автомобили