за

Новиот Golf GTI за 4 секунди побрз на фабричката патека

volkswagen golf 8 gti pateka napred
volkswagen golf 8 gti pateka napred

Volkswagen го усоврши новиот Golf GTI во сите подрачја во споредба со претходникот. На фабричката патека на концернот, новиот тркач докажува дека способноста на неговата сорта одамна не се базира „само“ врз моќен мотор и круто подвозје.

Волфсбург има убава најава за блискиот почеток на продажбата на новиот Golf GTI. На сопствената патека за тестирање на Volkswagen во Ера-Лесиен, новиот тркач на марката извозе 3,9 секунди побрзо во споредба со Golf 7 Performance. На патеката што е долга 3,3 километри, тоа е огромна разлика.

Секако дека и моторот има голема заслуга за ова достигнување. GTI го користи моторот EA 888 со 245 КС и 370 њутнметри, кој во седмата генерација беше резервиран само за изведбата Performance. Има многу зафати и во подвозјето. Лежиштата на попречните водилки на предната оска се покрути, додека амортизерите и пружините се дотерани од ново.

Од варијантата Clubsport S на претходникот потекнува помошната раммка од алуминиум, којашто е полесна за три килограми и влежиштена е поцврсто. На тоа се надоврзуваат електронски регулирана блокада на диференцијалот на предната оска и познатиот XDS Plus, кој го поништува подуправувањето преку прецизни и фини зафати во сопирачките.

На задната оска со повеќе водилки се вградени нови лежишта за амортизерите и нови носачи на тркалата, а лежиштата за попречните водилки и пружините се дотерани од ново. Покрај стандардната изведба на подвозјето може да се избира и верзија со приспособливи амортизери. Вака дотераната спортска средина ја заокружува прогресивното управување.

Целиот софтвер е дотеран за спортски перформанси и спортско чувство. Сензорите во амортизерите, на пример, ги мерат задвижувањата 200 пати во секунда. Исто како кај нормалниот Golf, може да се избере нагласено спортска програма за возење или комфорна програма доколку се вози по лош пат.

Впечатлива појава создава лајсната што минува горе по маската и споена е во линија со диодните дневни светла; Лајсната може да биде осветлена, за посебен ефект

Со доплата за приспособливите амортизери се добива и функција што спречува наведнување на каросеријата во свијоци. За најдобар контакт со патот се грижат гуми со димензија 235/35 R19, кои се пошироки од претходно, но и „името“ ветува многу – Michelin Pilot Sport Cup 2, како опција. За преносот има избор меѓу мануелен менувач со шест степени и 7-степен менувач со двојна спојка.

Во дизајнот се забележува многу поспортска нота. Впечатокот е дека возилото е многу широко и цврсто е залепено на патот. Голем печат во појавата на GTI оставаат „лутиот поглед“ на стандардните диоодни светла, како и масивниот отвор за воздух во браникот, со светлата со по пет сегменти,. Зад овој изглед на каросеријата стои и многу работа во подрачјето на аеродинамичноста. Смален е отпорот на воздух, додека со продолжениот заден спојлер се зголемува притисокот врз задната оска, со што се постигнуваат подобар баланс и поспортски возни својства.

Копчето за стартување на моторот пулсира во црвена боја по отворањето на вратата; Во исто време се вклучуваат и дигиталните инструменти, со дизајн посебен за GTI, со бројач на вртежи во средина – Porsche испраќа поздрави
New photo by Automedia MK / Google Photos

Volkswagen уште не ги открива перформансите на новиот GTI – освен крајната брзина што електронски е ограничена на темпо 250. Може да се очекува дека тие ќе бидат уште подобри отколку кај GTI Performance од претходната генерација. Продажбата се очекува да стартува кон крајот на летото.

Golf GTI премиерно во Женева за 45-годишнината

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Станици на OMV во Романија користат струја од сонце

Станици на OMV во Романија користат струја од сонце

Tesla планира новата фабрика да ја гради во Тексас