за

Volkswagen Tiguan со хибрид, со R-верзија и нов кокпит

Volkswagen Tiguan new
Volkswagen Tiguan new

Точно на денот кога Ралф Брандштетер стапува на должност како нов шеф на марката, Volkswagen го претставува новото моделско годиште на Tiguan. Станува збор за глобално најпродаваниот модел на VW, кој сега ги добива и верзиите eHybrid и R со 320 КС.

Тој е најпродаван СУВ во Европа и еден од најпродаваните од оваа сорта во светски рамки. Volkswagen Tiguan надмина шестмилионска продукција, а само во 2019 година се продадоа 911.000 примероци, со што тој стана најпродаван модел на марката и воопшто во целиот концерн. Сега следи заслужено освежување за моделот.

Новото моделско годиште на Volkswagen Tiguan се појавува на датумот кога и марката Volkswagen има нов шеф. Денес функцијата ја презема Ралф Брандштетер, на местото на Херберт Дис, кој понатаму ќе биде повеќе ориентиран на функционирањето на целиот концерн.

Со втората генерација на Tiguan ја започнавме нашата глобална СУВ-офанзива во 2016 година. Таа даде голем број модели што се успешни ширум светот. Сега Volkswagen го прави следниот чекор и го електризира, дигитализира и вмрежува новиот Tiguan.

Ралф Брандштедер, нов извршен директор за марката Volkswagen

Tiguan добива нов плагин-хибриден погон. Првпат во гамата ќе се нуди и спортската изведба Tiguan R, со голем број посебности на моделот. Техничарите на Volkswagen R развија нов погон на сите тркала со разделник на разпределбата на вртежниот момент. Станува збор за систем што ја менува распределбата на вртежниот момент до секое од задните тркала, за на тој начин да постигне врвна возна динамика.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Вообичаено за Volkswagen, новите дизели располагаат со систем за двојно впрскување на адблу, заради смалување на емисијата на азотни оксиди. Во поглед на системите за асистенција, СУВ-моделот во компакт класата добива „асистент за патување“ кој забрзува, забавува и држи темпо, а ја следи и лентата, до брзини од 210 km/h. Секако дека „во пакет“ со освежувањето пристига и новата генерација инфо-забавни системи MIB3, со пристап на мрежата и со нови функции. Сето тоа се заокружува со опција за врвно озвучување од Harman Kardon.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Меѓу главните обележја на Tiguan спаѓа и новата генерација волани со сензорски полиња. Дигитализацијата ги опфати и командите за климата, кои се заменети со лизгачи и површини што реагираат на допир. Големо освежување се и матричните диодни светла IQ.Light.

Новакот однадвор се препознава уште по носот. Клаус Цикиора (претходно Бишоф), главен дизајнер на концернот и марката Volkswagen: Tiguan со новата СУВ-маска на Volkswagen прави визуелен спој со моделите како поголемиот Touareg или северноамериканскиот Atlas Cross Sport. Новиот Tiguan во тој поглед изгледа уште повеќе самоуверено“.

Volkswagen Tiguan R со 320 КС и со варијабилна распределба на вртежниот момент меѓу задните тркала
New photo by Automedia MK / Google Photos

Хаубата е нагласена повеќе, а новата маска, заедно со диодните светла, прават возилото да изгледа поширокот. Во средина тронува новиот амблем на марката. Големи промени има во браниците. Назад лесно се препознава новиот модел, по натписот Tiguan под логото.

Под хаубата на „вистинскиот“ R, затоа што досега беше достапна само спортската верзија R-Line, работи дволитарец со 320 КС и 420 њутнметри. Вредна опција за тие што сакаат и да ги слушаат овие КС е доплатата за титански издувен систем од Akrapovic.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Вториот новитет е плагин-хибридниот Tiguan eHybrid кој може да извози до 50 километри само на батерија. Системската моќност изнесува 245 КС, тоа е погонот што Volkswagen веќе го вградува нашироко во својата гама.

Меѓу класичарите под хаубата, основниот дизел ќе располага со 122 КС, најсилната изведба ќе продолжува до 200 КС. Основниот бензинец ќе вози со 130 КС. Први во продажба на германскиот пазар стартуваат плагин-хибридниот Tiguan и станардните изведби, кои ќе бидат достапни веќе летово. За Tiguan R треба да се почека нешто подолго, до крајот на годината.

Порше Македонија стартува со нарачки за новиот Tiguan во октомври-ноември, а првите испораки ќе следат кон крајот на годината.

Какво е Вашето мислење

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Коментари

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вчитувам

0
Првиот техничар на Peugeot си замина на негово место човек од Opel

Првиот техничар на Peugeot си замина, на негово место човек од Opel

Само 14% од германските возачи уште се за дизел

Хибридите достигнаа 10,9% удел во Швајцарија