за ,

Volkswagen T-Roc: Спортски кросовер на местото на Scirocco

Купето Scirocco не е меѓу најпродаваните модели на Volkswagen. Неговото место може да го пополни спортскиот кросовер со отстранлив покрив и со кокпит по мера на смартфон-генерацијата.

За салонот во Женева, Volkswagen подготви студиски автомобил што претставува спој меѓу купето Scirocco и спортски теренец. T-Roc е долг 4,2 метри, со огромни тркала што речиси штрчат од каросеријата и нос што целосно се разликува од актуелните модели на марката. Највпечатливи се маската со груб растер и огромните тркалезни светла, кои потсеќаат на првата генерација на Skoda Yeti и на актуелниот Nissan Juke. Токму меѓу овие два модела би требало да се најде купе-кросоверот, доколку шефовите во Волфсбург решат да го пуштат T-Roc во серија.

Тоа не треба да се случи пред 2017 година, затоа што следните две години се резервирани за новата генерација на Tiguan и за малечкиот Taigun, теренецот врз основа на Up. Каросерискиот концепт на T-Roc е интересен поради обидот за повторно заживување на „Т-Топ“, принципот на покрив со две отстранливи половини, како во Corvette или Camaro во 1970-те години. Разликата е во тоа што кај Volkswagen останува рамката на покривот по отстранувањето на половините, додека кај оригиналниот Т-Топ останува само средишниот дел.

T-Roc поседува погон на сите тркала, со специјални програми за возење по асфалт, терен и снег. Необично е тоа што Volkswagen се реши во студијата да вгради обичен TDI со 184 КС. Студиите на претходните салони обично имаа хибриден погон со надворешно полнење.

Класичните инструменти во кокпитот се заменети со цела армада од дигитални инструменти. Дисплејот во средишната конзола всушност е таблет и може да се отстрани во секое време. Камерата под внатрешниот ретровизор исто така може да се отстрани и да се понесе со себе. Кога е вклучена програма за возење по терен, таблетот служи како екран за камерите. Овие камери се поврзани со диодните светла и даваат слика за целата средина.

Сериското производство на T-Roc е мошне неизвесно, засега се многу поважни конвенционалните модели Tiguan и Taigun.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

BMW стартуваше со производство на новиот M4

Македонија на дното на регионот во продажбата на нови автомобили