128
19 shares, 128 points

Фабриката во Навара ќе го произведува новиот Volkswagen T-Cross. Шпанските погони првпат добиваат уште еден модел, покрај Volkswagen Polo, којшто таму се произведува уште од 1984 година

Новиот СУВ-модел на Volkswagen ја дели техничката платформа со Polo, а ќе излегува и од иста фабрика со него. Volkswagen T-Cross ќе се произведува во Навара, кадешто од 1984 година наваму се произведуваше единствено Polo.

Во зависност од побарувачката на пазарот, шпанската фабрика во иднина ќе може да произведе до 350.000 автомобили годишно, што е значително повеќе од сегашниот капацитет за 244.000 автомобили. Соодветно се зголемува и бројот на вработни за 10 проценти.

Volkswagen T-Cross влегува во сегментот којшто бележи најголем раст на европскиот пазар. Се предвидува пазарот на компактни СУВ-модели да порасне двојно во следните десет години. Volkswagen до 2019 година ќе инвестира околу една милијарда евра во производството на новиот T-Cross и на Polo во Навара.

Со пристигањето на T-Cross, понудата од СУВ-модели на Volkswagen се зголемува на пет, покрај T-Roc, Tiguan, Tiguan Allspace и Touareg. Новиот модел ќе се продава и во Кина и Јужна Америка.

Volkswagen Т-Cross ветува голема приспособливост и просторна кабина, благодарение на модуларната платформа MQB. Неколку системи за асистенција во новиот модел досега се вградуваа само во повисоките класи. Во стандардната опрема спаѓа систем за автоматско запирање при опасност од судир и систем за следење лента.

Долг 4,11 метри, Volkswagen T-Cross ќе настапува со впечатлив изглед, којшто е важен за купувачите во овој сегмент, исто како и можностите за давање личен печат на возилото.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

128
19 shares, 128 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *