за

Може ли Polo да биде доволно добар Golf?

volkswagen-golf-polo-sporedba_1
volkswagen-golf-polo-sporedba

Модел од компакт класата е најчест избор при купување нов автомобил. Големината одговара и за секојдневието и за пат, има доволно простор и комфор за семејството, но има и цени кои стартуваат од 20.000 евра. Дали границите на класите се сменија, и дали таканаречените градски автомобили можеби се нашите нови компакти? Кај нив, ценовникот почнува веќе од околу 15.000 евра. Oдговорот го бараме во ова соочување меѓу Golf и Polo.

На Volkswagen Golf не му е потребен вовед. Тој предводи цела класа што го носи неговото име, го предводи и европскиот пазар. Факт е дека Golf денес е многу повеќе од тоа што беше некогаш. Премиум модел што само со цената не е премиум, но пак стартува од околу 20.000 евра. Ниту реалната конкуренција не нуди многу поевтино. Прашањето е, што доколку место автомобилот кој се чини како прв избор, но го надминува лимитот на буџетот за купување нов автомобил, се погледне класа подолу и трезвено се процени што и колку се пропушта и, евентуално, дали се добива нешто повеќе.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Прашањето, дали Golf или Polo, вооошто не би требало да постои. Едниот е неприкосновена големина на европскиот пазар, вечен број 1 во продажбата, со безброј моделски изведби и со статус на безстатусен автомобил. Другиот модел, пак, не е Golf. Меѓутоа, како што покажуваат продажните бројки, Polo воопшто не трпи од тоа што е во длабока сенка на големиот брат. Тој моментно е на третото место на најпродавани модели во Европа.

Volkswagen суптилно го применуваше принципот од својот бестселер Golf кај моделот што долго време беше основа на марката. Polo бил и сé уште е GTI, се има појавено во купе и комби изведба, па своевремено имаше фантастична кариера и како лимузина. Многу врева во дивите години на Волфсбург се креваше и околу изведбата G40, со механички компресор.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Двата модела во историјата стартуваа речиси истовремено. Polo во почетокот имаше и близнак, Audi 50, меѓутоа симпатичниот автомобил под знакот на четирите прстени немаше шанси покрај поевтиниот модел на Volkswagen. За сето ова време беше потребна беспрекорна стратегија, затоа што при мала грешка можеше лесно да се случи, потенцијалните купувачи на Golf да си заминат од марката и да избираат кај конкуренцијата, без да погледнат што нуди Polo.

Значи, Golf или Polo? Ние велиме, Golf или Polo, со разлика во цената од 4.294 евра. Во ценовникот за Volkswagen на Порше Македонија избравме два модели за соочување. Предизвикувачот е Volkswagen Polo со мотор 1.0 TSI со 95 КС, како второ скалило во хиерархијата на моторите, со ниво на опрема Comfortline, коешто исто така е второ скалило, меѓу опремата. Пониското ниво на опрема Trendline не се нуди на нашиот пазар. Тоа е стратегија во стратегија во настапот на македонскиот пазар и укажува колку е чувствителна спрегата меѓу овие две моделски серии.

Двете моделски изведби за нашата споредба

Volkswagen Polo
1.0 TSI 95 Comfortline
Volkswagen Golf
1.0 TSI 115 Trendline

Редовна цена (во евра)

15.702

19.996

Опции без доплата

Клима уред, радио Composition Color, блутут, УСВ, потпирач за рака напред, магленки

Автоматска двозонска клима, радио Composition Color, блутут, УСБ, кожа на волан, потпирач за рака напред, магленки, колор пакет, самостојно запирање при опасност

Кај Golf сосем одговараат првото ниво на опрема Trendline и првиот мотор во хиерархијата, 1.0 TSI со 115 КС. Со автоматска двозонска клима, радио со дисплеј на допир од 6,5 инчи, магленки и систем за самостојно запирање при опасност од судир – сето тоа како „дилерски стандард“ за македонскиот пазар – Golf 1.0 TSI Trendline со 115 КС редовно чини 19.996 евра.

Ситуацијата кај Polo: Цена од 15.702 евра, исто така за мотор 1.0 TSI, но во изведба со 95 КС, со ниво на опрема Comfortline, вклучувајќи клима уред, исто радио со Golf, електрика на сите прозорци и на ретровизорите – плус греење, магленки, па дури и детали што прво се чинат неважни, како средишен потпирач за рака со преграда. Очигледно, ова повеќе не е обичен градски автомобил, чијашто најголема доблест се неговите компактни димензии.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Првата забелешка обично е околу просторноста на моделите од градската класа. Споредбата на должината на каросеријата, покажува дека Polo е за 202 милиметри покус од Golf. Тоа, секако, не значи дека кабината е толку покуса. Подобар ориентир во тој поглед е меѓуоскиното растојание, кое се разликува за 69 милиметри. Во споредбата меѓу Polо и Golf, околу половина од оваа разлика отпаѓа на слободниот простор за колена на патниците на задната клупа.

Споредба на димензии на каросерија

Volkswagen Polo
1.0 TSI 95 Comfortline
Volkswagen Golf
1.0 TSI 115 Trendline

Должина [mm]

4053

4255

Ширина [mm]

1751

1790

Висина [mm]

1461

1492

Меѓуоскино растојание [mm]

2551

2620

Два палци, приближно толку е покус просторот на задната клупа кај Polo. Тоа е добро каширано и постигнато е на вообичаениот начин во градската класа, со малку сменета положба при седење на задната клупа, односно со поисправено и повисоко седење, со тоа што и колената се незначително повеќе свиткани отколку во Golf. Доколку секоја втора недела не се превезуваат патници назад, на пат долг илјада километри, Polo е сосем пристоен автомобил и за пат.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Разликата е поголема во багажникот. Polo има тринаесет и пол сантиметри поплиток багажник од Golf. Толку е покусо растојанието од задниот ѕид на багажникот до почетокот на клупата. Кога ќе се собори задната клупа, товарната површина кај Polo е долга 1,38 метар, додека Golf додава уште 17,8 сантиметри и доаѓа до близу 1,56 метар. Според зафатнината што ја има измерено фабриката, багажникот на Polo со своите 351 литри заостанува само околу 30 литри зад Golf. Разликата во реалноста е поголема отколку што покажува овој податок, но генерално, кај Polo едноставно треба повеќе да се внимава при изборот на куферите.

Споредба на внатрешните димензии

Volkswagen Polo
1.0 TSI 95 Comfortline
Volkswagen Golf
1.0 TSI 115 Trendline

Висина на простор за глава напред [mm]

1019

1018

Ширина напред [mm]

1425

1469

Висина на простор за глава назад [mm]

964

967

Ширина назад [mm]

1425

1440

Должина на багажник [mm]

705

839

– со соборена клупа [mm]

1380

1558

Ширина меѓу поткрила [mm]

1002

1003

Зафатнина на багажник [L]

351 / 1125

380 / 1270

Тоа што кабината напред е потесна за 44 милиметри, може да се покаже и како предност на Polo, кога е потребна поинтимна атмосфера. Назад, патниците во Golf имаат само 15 милиметри повеќе слобода во ширина и само три милиметри повеќе слободен простор над главата. Напред, Polo има дури еден милиметар повеќе од овој просторен „луксуз“.

Со тоа завршува поглавјето за каросеријата. Секако дека постојат разлики меѓу двата модела од две класи, но тоа не се драстични разлики. Тоа всушност се должи на платформите на Volkswagen, кои меѓу другото се одликуваат и со многу порационална искористеност на просторот. Во случајов, Polo профитира од тоа.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Следи поглавјето во коешто Polo може да дојде во предност, поради пониската маса. Volkswagen го нуди Polo и со еднолитарски атмосферец со 80 КС и со неколку стотини пониска цена. Но, ние во оваа нестандардна споредба се водиме според правилото дека мора да има ужуивање во возењето. Турбо-бензинец со директно впрскување, без разлика што станува збор за мотор со три цилиндри, нуди повеќе „суштина“.

За забелешките што уште пристигаат на сметка на трите цилиндри: Во време кога автомобилте возат на батерија или на водород, кога самостојно го следат свијокот на автопат и кога самостојно го запираат возилото, кога радарите, ласерите и камерите ќе препознаат дека возачот повеќе нема шанси да реагира при опасност на патот, некој цени дека со денешната технологија и инженерско искуство е проблем да се конструира одличен мотор со три цилиндри?

Polo и Golf 1.0 TSI имаат ист мотор, еднаш во изведба со 95 КС, еднаш со 115 КС. Турбонатполнењето си дозволува малку повеќе „слобода“ во Golf и сервира вртежен момент од 200 њутнметри, во подрачјето меѓу 2.000 и 3.500 вртежи. Кај Polo се 175 њутнметри. Полесен за точно 100 килограми, тој би требало да забрзува приближно колку Golf 1.0 TSI. Разликата од девет десетинки при класичниот старт до темпо сто, всушност се должи повеќе на различните преносни односи и на едниот степен плус во менувачот на компактниот Volkswagen. Во перформансите, двата модела сепак возат во иста лига.

Основни технички податоци за погонската спрега

Volkswagen Polo
1.0 TSI 95 Comfortline
Volkswagen Golf
1.0 TSI 115 Trendline

Мотор

3 цилиндри во линија

3 цилиндри во линиај

Зафатнина [cm3]

999

999

Моќност [КС]

95

115

Вртежен момент [Nm/min]

175 при 2000-3500

200 при 2000-3500

Менувач

5 степени

6 степени

Перформанси

0-80 km/h [s]

7,2

6,5

0-100 km/h [s]

10,8

9,9

Крајна брзина [km/]

187

198

Потрошувачка на гориво [L/100 km]

(според WLTP)

Град

6,7

7,1

Отворен пат

5,1

5,4

Автопат

4,5

4,8

Автопат, брзо

5,3

5,7

Просек

5,6

5,6

Емисија на СО2 [g/km]

119

127

Тежини и капацитет

Празно возило [kg]

1145

1245

Дозволена тежина [kg]

1610

1760

Носивост [kg]

423 – 561

412 – 590

Приколка со соп., 12% [kg]

1100

1300

Резервоар за гориво [L]

40

50

Конечно, поглавјето во коешто Polo е во предност, покрај тоа за цените. Волфсбург веќе ги објавува вредностите според новата и многу пореална норма за мерење на потрошувачката, WLTP. Во град, Polo ќе троши четири децилитри помалку од Golf, а во просек три децилитри помалку. Овој „талент“ на Polo е важен, затоа што во неговиот резервоар собира десет литри помалку околку во Golf. Сепак, нема причина за паника, затоа што со полн резервоар, Polo ќе извози 754 километри, додека Golf ќе постигне автономија од 892 километри.

И, најважното, цените и опремата. Порше Македонија го нуди Polo почнувајќи со второто ниво на опрема Comforline, на што вообичаено следи и гратис-пакет. За Polo да ја поседува истата опрема како Golf Trendline – со гратис-пакетот за Golf – потребно е да се доплати за автоматска двозонска клима, кожа на волан, електронска симулација на блокада на диференцијал XDS (199 евра) и систем за препознавање замор.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Следи по малку „автомобилски хумор“, затоа што при опција за Climatronic (439 евра), Volkswagen бара да се доплати и за понапредно радио Composition Media (409 евра). Кожа на воланот, на рачката не менувачот и на паркирната сопирачка чини 318 евра. Во тој случај, може да се размисли и за повисокото ниво Highline, коешто чини 440 евра повеќе и доаѓа со мултифункциски кожен волан.

Споредба на опременоста

(цените се наведени во евра)

Volkswagen Polo
1.0 TSI 95 Comfortline
Volkswagen Golf
1.0 TSI 115 Trendline

Клима уред

Автоматски, 2-зонски

Мануелен (доплата 439 евра за автоматски, 2-зонски)

5 врати, електрика за прозорци напред и назад

Да

Да

Радио Composition Color

Да

Да

Пакет за поврзување (блутут и УСБ)

Да

Да

Кожа на волан

Да

Не (доплата 318 евра)

Потпирач за рака напред, со преграда

Да (со местење по должина и висина, отвори за воздух назад)

Да (само висина)

Магленки, осветлување при скршнување

Да

Да

Предупредување при опасност од судир, самостојно запирање во град и препознавање пешаци

Да

Не

Мултифункциски волан

Не (доплата 200 евра)

Да

Возачко / совозачко седиште местење по висина

Да / Не (доплата 106 евра)

Да / Да

Колор пакет (ретровизори и рачки)

Да (дилерски стандард)

Да

Хромирана лајсна на отвори за воздух во браник

Не

Да

Блокада на диференцијал XDS

Да

Не (доплата 199)

Дискови назад

Да

Не (од 1.0 115 КС нагоре)

Препознавање замор

Да

Не (опција 23 евра)

Аирбаг за колена

Да

Не

Патен компјутер Плус

Да

Да

Електрична паркирна сопирачка

Да

Не

Избор на ставки од дополнителната опрема

Golf

Polo

Металик лак

322

249

Затемнети задни стакла

262

278

Радарски темпомат (самостојно запирање во град и др.)

290

421

Кожен волан

Да

318

Climatronic (само со радио Composition Media)

Да

439 + 409

Паркинг сензори напред назад

507

714

Камера за рикверц

213 (само со Comp. Media, доплата 403)

257

Диодни светла

1242

989 (и назад)

Навигација

510 (Comp. Media)

787

Поврзување со паметен тел

172

184

Озвучување

639 (Dynaudio)

454 (Beats 300W, 6+1)

Греење предни седишта

432 (заедно со греење прскалки, миење светла)

302

Алу-бандажи

449 (15“)

571 (15“)

Спортско подвозје и профил за возење

182 (само профил) + 195 (спортско подвозје)

395

За топ-нивото вреди да се размисли и поради низата ставки што следуваат со него: Алу-бандажи од 15 инчи, хромирани лајсни надвор и различен дизајн во неколку детали, различен штоф, спортски предни седишта, патосници напред и назад, спомнатиот систем за препознавање замор (опција 23 евра) и уште диодни светилки за кабината.

Електричната паркирна сопирачка од Golf и натаму ќе недостига во Polo, исто како и диск-сопирачки назад, но и тие следуваат како стандард, со 1.0 TSI со 115 КС. Во тој случај, може да се избере и истото ниво на моќност како кај Golf, за што би биле потребни уште 1.142 евра. Во оваа верзија следи и шестстепен мануелен менувач. А, веќе кога сме кај менувач DSG

Со мотор 1.0 TSI со 115 КС, топ-ниво Highline, менувач DSG и со доплата за Cimatronic, „нашето“ Polo би чинело 19.885 евра, би било побрзо и постартно од Golf и би чинело исто толку. Во тој случај, би исчезнала целата смисла на преоѓањето во една класа подолу. Во основа е исто како кај „коцката“. Човек треба да знае кога да престане.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

nissan e-nv200

Nissan e-NV 200 е најпродавано електрично комбе во Европа

меси спортисти заработка автомобил

За колку часови врвните спортисти заработуваат за автомобил?