за

Volkswagen Polo: 192 КС за помалиот брат на Golf GTI

Цената на поголемиот и посилен 1.8 TSI со 192 КС се компензира со механичкиот менувач во замена за DSG

Место да вгради нов чип и да извлече повеќе КС, што не е невообичаено во браншата, Volkswagen го замени целиот мотор во Polo GTI. Под хаубата отсега работи 1,8-литарец во замена за 1,4-литарецот со 180 КС.

Кусо по стартот на продажбата на фејслифтот на Polo, Volkswagen ја претставува и спортската верзија на популарниот модел, со посилен и поголем мотор, мануелен менувач и приспособливо подвозје. Премиерата на новиот Polo GTI е на салонот во Париз, а испораката ќе стартува во почетокот на следната година.

Во замена за 1,4-литарскиот турбо со 180 КС, во најсилната изведба на Polo во иднина ќе работи 1,8-литарскиот TSI познат од повеќе модели на Audi. Четирицилиндарскиот бензинец постигнува 192 КС и вртежен момент од 320 њутнметри, коишто во стандардната изведба се пренесуваат на предната оска преку мануелен менувач со шест степени. Во претходниот модел стандардно се вградуваше седумстепен менувач со двојна спојка, кој сега е достапен по избор на купувачот.

Со новиот мотор, Polo GTI го скуси спринтот за 0,2 секунди, на 6,7 секунди, додека крајната брзина порасна за седум километри на час, на 236 km/h. Податоците за потрошувачката уште не се објавени, но за очекување е дека вредноста ќе биде под 5,9-те литри на претходникот.

За прв пат во Polo GTI се вградува и приспособливо подвозје, со коешто се извлекува дополнителна динамична резерва од стандардното спортско подвозје. Покрај тоа, за GTI се достапни и новите системи коишто доживеаја премиера со фејслифтот на стандардниот Polo, како автоматски темпомат, автоматско запирање Front Assist или самостојното запирање при потенцијално опасни ситуации при градски брзини.

Цената на новиот Polo GTI би требало да се движи во рамките на претходникот, имајќи во предвид дека поголемиот мотор од 1,8 литар се компензира со замената на менувачот со двојна спојка со класичен мануелен менувач. Фејслифтот на Volkswagen Polo стартува од 10.990 евра за верзијата на моделот со 60 КС и ниво на опрема Trendline, вклучувајќи клима уред, радио, електрика за сите прозорци и магленки.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Honda Jazz на салонот во Париз – продажбата стартува в година

Dacia ги претстави верзиите Stepway од своите ванови