за

Volkswagen Passat отстапува место за електрични модели

volkswagen passat montaza

Фабриката на Volkswagen во Емден веројатно ќе стане локација за производство на електрични автомобили. Таму се произведува Passat, но само до 2022 година

Фабриката на Volkswagen во Емден ќе служи како дополнителен капацитет за производство на идните електрични модели на матичната марка на концернот. Моментно во фабриката се произведуваат двете каросериски изведби на Passat, лимузината и комбито Variant, исто како и купе-лимузината Arteon. Според германските медиуми, Passat ќе им го отстапи местото на новите модели со електричен погон.

Традиционалниот модел на Volkswagen од средната класа веќе извесно време заостанува зад некогашната продажна динамика, додека во исто време расте продажбата на СУВ-моделите. Менаџментот неколкупати ја смалуваше продукцијата и ги скусуваше работните смени, а дополнително се јавува расчекор и со испораката на дизел мотори.

Едноставно е, кога фабриката не го користи целиот капацитет, производството станува поскапо

Фабриката во последниве години има постигнато највисока продукција од 250.000 возила годишно. Според германските медиуми, од фабриката со капацитет за 280.000 возила, годинава ќе излезат 230.000 автомобили. Смалената продуција директно влијае врз ефикасноста на фабриката, односно соодветно се зголемуваат трошоците за производство по автомобил. Во исто време, планирано е Емден до 2020 година да достигне продукција од 290.000 возила, за марката да ја реализира неопходната заштеда.

vw id vizion

Volkswagen веќе го најави поглавјето со „електрификацијата“ на фабриката во Емден: Концептниот ID. Vizion е идниот Passat

За десет години, продажбата на Passat се преполови. Од некогашните 20 проценти, моделот денес учествува со само десетина проценти во продажбата на марката. Актуелниот модел од осмата генерација нема да добие наследник, откако ќе престане неговото производство во 2022 година.

Чесите се побунија за идејата за преселување на Superb во Емден

Летоска имаше протести во фабриките на Skoda во Чешка, кога менаџментот на VW ја изнесе идејата за преселување на производството на Superb во Емден. Како единствено решение преостанува фабриката да се специјализира за производство на електрични автомобили. Концернот досега ја потврди само фабриката во Цвикау, како идна локација за производство на новите модели на струја.

Емден моментно вработува околу 11.000 лица. Во случај фабриката да се префрли на електрични возила, таа ќе се најде меѓу водечките производствени локации за автомобили со погон на струја. Концернот има предвидено над 30 милијарди евра за масовна електрификација на моделската понуда.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Opel полначи за струја риселсхајм-н

Opel поставува 160 полначи за електромобили во Риселсхајм

Тест на зимски гуми АДАК 205-55-16

Тест на зимски гуми на клубот АДАК: Димензија 205/55 R16 H