за

Volkswagen и батериите ќе ги развива модуларно

volkswagen meb bateriski sistem

Во Volkswagen сé е според принципот на модуларност. Тоа важи и за батериите што Германците ќе почнат да ги вградуваат во своите електрични модели ID. веќе од 2020 година

Електричните автомобили ќе станат достапни за милиони купувачи. Тоа е мотото што го користи марката Volkswagen, најавувајќи дека моделското семејство ID. ќе надмине едномилионска продажба веќе по пет години од стартот во 2020 година. Еден од начините што ќе овозможат достапност на електричните возила е новиот батериски систем, којшто ќе се изведува скалесто, со капацитет меѓу 330 и 550 километри.

Volkswagen ID.
Првиот „народски“ електричен автомобил од идното семејство модели ID. ќе стартува во 2020 година

Идејата на Volkswagen е на купувачите да им се овозможи избор на големината, односно капацитетот батеријата – слично како кај Tesla и слично како што кај обичните погон се избира помалку или повеќе моќен мотор. Новиот батериски систем на Volkswagen е поедноставен, а тоа значи и поевтин од постоечките решенија.

Вака ќе се развива технологијата на литиум-јонските батерии

volkswagen meb bateriski sistem 2

Покрај тоа, батерискиот систем на VW е полесен, поради примената на алуминиумско куќиште, а подржува и различни видови ќелии и поседува интегрирано ладење. Тоа овозможува батеријата да се постави за погон на една или посебно за повеќе оски. Поставувањето на ќелиските модули е слично како кај коцки на чоколадо.

Брзината на полнењето исто така е гордост на инженерите на VW, затоа што системот подржува приклучување на полначи со моќност до 125 киловати. Батерискиот систем е централен елемент на модуларниот електричен погонски систем MEB – тоа е новата архитектура што концернот ја разви специјално за електрични возила.

Volkswagen вложува 1,3 милијарда евра во трите „електро-центри“ во Бранушвајг, Залцгитер и Касел

Повеќето од деловите во батерискиот систем ќе се произведуваат во фабриката на Volkswagen во Брауншвајг, којашто е специјализирана за изработка на компоненти. Мрежата од фабрики за изработка на компоненти за концернот, во јануари 2019 година ќе се издвои како посебен огранок, Volkswagen Group Components. Планот е во Брауншвајг да се произведуваат до половина милион батериски системи годишно.

Развојот на батериите за целата групација уште од 2017 година се одвива во специјализираниот центар во Залцгитер. Моментно таму се поставува пробно производство на батериски ќелии. Во мрежата се вклучува и фабриката во Касел, специјализирана за компоненти за електричен погон. Само на овие три локации – Брауншвајг, Касел и Залцгитер, групацијата инвестира 1,3 милијарда евра во е-мобилноста.

Но, како воопшто дејствува литиум-јон батеријата?

volkswagen meb bateriski sistem 1

Батеријата за платформата MEB се состои од следните компоненти: Надворешната обвивка нуди врвна заштита при судир. Во неа се наоѓа алуминиумско куќиште, со заштитна рамка, интегрирано ладење на батеријата и конекторска кутија за високо и нисконапонските електрични системи (AC, DC и 12V).

Во ова куќиште се поставуваат ќелиските модули на MEB, коишто се состојат од одделни батериски ќелии. Во надолжниот носач се наоѓаат ќелиски контролери CMCe – за надгледување на напонот и температурата, како и за балансирање на ќелиите (се грижи сите ќелии да се оптоваруваат подеднакво на дневно ниво).

Електрониката на батеријата (BMCe) е интегрирана во задниот дел од системот, како втора контролна единица. Ќелиските модули се вмрежени меѓусебно, преку таканаречени модулски конектори. Мерни водови комуницираат со електрониката на батеријата. Куќиштето е затворено озгора со еден вид капак, заради полесно сервисирање.

Како ќелиски типови може да се користи и „џебен“ и „призматичен“ дизајн, што овозможува висока флексибилност. Во следните години ќе продолжи да се зголемува енергетската густина – тоа значи дека за ист досег ќе може да се користат помали батерии, односно дека со истата големина на батерии ќе се постигне подолг досег. Во средината на следната декада се очекува и следната голема револуција, преоѓање на батерии со цврст електролит.

Литиум-јон батериска ќелија се состои од анода (графит, бакарна фолија), сепаратор (порозна полиолефинска фолија, керамичка облога), катода (литиум метал оксид, алуминиумска фолија) и електролит (органски раствор, литиумска спроводлива сол, адитиви).

При полнење, литиумските јони се движат од катодата кон анодата и се складираат таму. Електричната енергија, којашто доаѓа од полначот за струја, се претвора во хемиска енергија. Притоа, електроните се движат низ колото, додека литиумските јони минуваат низ сепараторот.

При празнење, што значи при напојување на електромоторот, литиумските јони се враќаат кон катодата. Хемиската енергија притоа се претвора повторно во електрична енергија. Во тој случај, електроните се движат низ колото, додека литиумските јони минуваат низ сепараторот во спротивна насока.

Ретро и електро на салонот во Париз

На салонот во Париз се изложени 43 електрични автомобили

Renault во Париз докажува дека електропогонот е сегашност

Електричните возила на најтивок, а најгласен собир во Скопје

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volvo Premium AGS

Премиум АГС е нов застапник на Volvo во Македонија

mercedes zvezda zindenfingen

Зинделфинген доби ѕвезда на Mercedes иста како скопската