155
20 shares, 155 points

Бројки од самиот врв на автомобилската индустрија. Во првиот квартал, сите марки во концернот Volkswagen заедно постигнале продажба од 2,6 милиони возила и промет од 60 милијарди евра. Шефовите во Волфсбург се задоволни.

Во концернот Volkswagen сé е според планот, што се однесува до испораките, прометот од продажба на возила и оперативниот резултат. Со 60 милијарди евра, прометот се зголемил за 3,1 проценти во споредба со првиот квартал лани. Бројот на продадени возила е благо намален, но надоместува тоа што повеќе се продавале поскапи модели. Оперативната маржа се зголемила на 8,1 проценти (7,2% лани).

Резултатите на ниво на одделните марки во концернот Volkswagen:

Прометот на марката Volkswagen во првиот квартал пораснал за 7,1% на 21,5 милијарди евра. Пораснал и оперативниот резултат, на 921 (879 лани) милиони евра.

Audi бележи намален промет во првите три месеци, со 13,8 милијарди евра, наспроти 15,3 милијарди евра во истиот период лани. Тоа се објаснува со прераспределбата на деловните активности во рамките на марката. Оперативниот резултат се намалил од 1,3 млрд. евра лани, на 1,1 млрд. евра. Причина за тоа се намалената достапност на одделни моделски изведби поради преоѓањето на WLTP, како и високите трошоци за нови модели и технологии.

Skoda го зголемила прометот за 8,2 проценти, на 4,9 милијарди евра, додека оперативниот резултат се смалил на 410 милиони евра. Причина: Негативниот валутен курс и зголемените трошоци. Продажбата е зголемена во споредба со првиот квартал во 2018 година.

Прометот на Seat се зголемил од 2,8 млрд. евра лани, на 3,1 млрд. евра годинава. Оперативниот резултат се подобрил на 89 милиони евра (+5,5%).

Марката Bentley има промет од 456 мио. евра од јануари до март, што е масивен раст во споредба со ланските 351 милиони евра. Оперативниот резултат се подобрил на 49 милиони евра (од -44 мио. евра лани). Заслуга имаат новиот Bentley Continental GT и позитивниот валутен курс.

Porsche има незначително опаѓање на прометот на 5,2 млрд. евра (5,4 лани). Смалената продажба во одредени региони резултираше со оперативен резултат од 829 милиони евра (-11,6%).

Tоварните возила на Volkswagen имаат раст во прометот од 11,8%, на 3,3 милијарди евра. Расте продажбата, во исто време се зголемува и уделот на поскапите модели, но и валутната размена влијаела позитивно. Оперативниот резултат пораснал на 291 милиони евра (+29,9%).

Scania има промет од 3,4 млрд. евра (3,0). Оперативниот резултат се подобрил на 370 (301) мио. евра. Пораснала продажбата, се бараат услуги и расте побарувачката за оригинални резервни делови.

MAN исто така расте, со 3,0 (2,8) млрд. евра, односно со оперативен резултат од 115 (83) милиони евра.

Power Engineering за три месеци има промет од 891 (766) милиони евра, но оперативниот резултат опаднал на 9 милиони евра, од 21 милиони евра во првиот квартал лани.

Финансиските услуги на Volkswagen пораснале на 638 (608) милиони евра.

Очекувањата за годинава се дека концернот ќе забележи мало зголемување во испораките на возила и покрај отежнатите пазарни услови, со планиран раст во прометот до 5 проценти и маржа меѓу 6,5 и 7,5 проценти.

Тест: Volkswagen T-Roc 1.6 TDI


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

155
20 shares, 155 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *