164
22 shares, 164 points

Нашите ценети колеги и пријатели од германскиот магазин АУТО БИЛД веќе го испробаа автомобилот чијашто премиера на салонот во Франкфурт во септември се очекува со нетрпение. ID.3 е електричниот „голф“ на иднината, а според реакцијата на авторот Андреас Мај, мала е веројатноста дека обичните возила во иднина ќе поттикнат слична еуфорија кај него. Испораките почнуваат веќе во јуни 2020.

Со сета почит кон најголемиот европски магазин за автомобилизам АУТО БИЛД и авторот Андреас Мај, објавата на пробното возење на ID.3 ја објавуваме во целост.

„ID.3 прави e-Golf да изгледа застарено“

Од средата, 3-ти јуни 2019, 15 часот, јас Андреас Мај, човек на АУТО БИЛД, верувам во иднината на електромобилноста. Не, тоа не е наредба од шефот и не е перење мозок. Едноставно се случи. Извозев еден круг низ Волфсбург со прототипот на VW ID.3, еден нов вид Golf, но со електромотор и батерии. Треба да вози 330 до 550 километри (зависно од големината на батеријата) и почнува од помалку од 30.000 евра. Новиот свет, близу на дофат! Сите треба да се радуваме за тоа. Меѓутоа, нашата прва споредба ја почнуваме со e-Golf, кој потоа ќе остане зад нас.

e-Golf апсолутно нема шанси против ID.3

Да бидеме искрени: Golf со електромотор можеш да ѝ препорачаш само на свекрвата, за таа да не доаѓа толку често во посета. Досег од 230 километри (според WLTP) за 35.900 евра. E-Golf потекнува од времето, кога во VW беа важни каросериските зјаеви и чувството при допир, а единствено правошмукачката дома имаше електромотор. Со тоа е кажано сé за автомобилот, на кого што ќе му закачиме ливче под бришачот: „Молам не ме купувајте, затоа што јас сум половичен производ на родители без љубов.“ Тоа ќе биде поинаку со ID.3. На ИАА во септември 2019, VW ќе го покаже вистинскиот автомобил, тој е првиот застапник на новиот модуларен систем на заеднички компоненти за електричен погон (MEB), тој е развиен како чисто електричен автомобил, многу е сличен на Golf, а сепак е многу различен.

Просторното чувство во новиот електричар е одлично

Со должина од 4,26 метри, тој е еден сантиметар покус од Golf. Со 1,81 метар, ID е два сантиметри поширок од Golf и со 1,55 метар е повисок за седум сантиметри. Причината за тоа е првенствено во батериите, коишто се наоѓаат во подот на возилото. Внатре станува многу поинтересно. В ред, багажникот од 390 литри е за десет литри поголем отколку во Golf VII и не вреди за спомнување. Но, тоа не важи и за меѓускиното растојание! Кај Golf се 2,63 метри, додека ID има 14 сантиметри повеќе. Тоа се два света! Golf внатре никогаш не важел како малечок автомобил, ние секогаш го фалиме просторното чувство. Но, во ID.3 се седи како што инаку се седи само во Skoda Superb, во овој автомобил во којшто назад можеш да ги прекрстиш нозете. Тоа е заслуга и на електричниот погон. Нема кардански тунел во средината и тоа отвора простор.

ФОТО: АУТО БИЛД

Кажано грубо, ID.3 е поставен на скејтборд, којшто е развиен за електромобилноста и на кого што може да се поставуваат различни надградби. Притоа, автомобилот јасно се распознава како VW и исто како Golf го има типично широкиот заден столб. Само од напред, со легнатиот ветробран и со малите прозорци лево и десно од предните столбови, потсеќа на One-Box-дизајнот во стил на Touran.

Уште нема фотографии од кокпитот на ID.3

ID.3 во секој случај изгледа различно и посебно, што луѓето по улиците ширум Волфсбург, по коишто секојдевно врват секакви прототипи на тестирање, веднаш посегнуваат по мобилниот, истрчуваат од кафулињата, застануваат пред автомобилот, се фрлаат во поза за инстаграм-приказна. Ние од АУТО БИЛД можевме да ѕирнеме под превезот, кој го покрива сé уште тајниот кокпит кога возилото мирува. Затоа, со зборови: Волан со мултифункциски копчиња, зад нив кутија со дигитални инструменти, дисплеј за батеријата и монитор за погонот. Десно од кутијата се наоѓа рачка за степените за возење. Наназад: D како Drive, за нанапред: R како рикверц, во средина: N за неутрал. Горе на средишната конзола се наоѓа дисплеј на допир, точно на висина на погледот, а меѓу двете предни седишта се наоѓа мноооогу долга средишна конзола со држачи за чаша.

ФОТО: АУТО БИЛД

Така, го објаснивме автомобилот, сега следи: Возење! Постојат два различни електромотори, еден со 150, друг со 204 КС, како и три различни големини на батерија: Малечка (45 kWh, 330 km досег), средна (58 kWh, 420 km досег) и голема (77 kWh, 550 km досег). За 30 минути ќе може да се наполни енергија за 260 километри возење.

ID има толку мал круг на вртење, што може да се сврти буквално пред врата. Лежењето на пат е долку добро, што поради ниското тежиште со задоволство возиме во свијоци (заден погон!). Со вртежен момент од 310 Nm, автомобилот влече толку добро, што во сета еуфорија се заборава да се погледне во дисплејот за батеријата. Но, мора да кажеме: VW не мами, декларираната километража навистина се постигнува.

Во изведбата со досег до 330 километри, ID.3 ќе чини исто колку добро опремен Golf Diesel. Тоа се многу пари, но и уште повеќе пари, како што расте батеријата. Меѓутоа, електричниот погон конечно доаѓа во досегот на можностите на поширок круг возачи.

Заклучокот на Андреас Мај: „Ја доживеав иднината – добра е! E-Golf беше само обид, но затоа VW е многу сериозен со ID.3. Компактот од 4,26 метри ќе биде првиот електричен автомобил за широк круг купувачи. Стартната цена од 30.000 евра ветува многу.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

164
22 shares, 164 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *