за

Ауто Шангај 2019: Volkswagen ID Roomzz како подвижна дневна соба

Volkswagen ID Roomzz Shanghai

Студијата Volkswagen ID Roomzz ја прикажува новата слобода за распоредување на седиштата што ја овозможува автопилотираното возење. Сериската изведба на големиот СУВ со три реда седишта ќе стартува во Кина во 2021 година. За погонот се знае, електричен е.

Volkswagen ја претстави студијата ID Roomzz во предвечерието на салонот во Шангај. Петметарскиот СУВ поседува исклучително приспособлива кабина – затоа што вештачката интелигенција може самостојно да го „вози“ големиот автомобил и нема потреба од возач зад воланот. Како дел од подмарката електрични и техно-возила ID, сериската изведба на моделот ќе се појави во 2021 година, прво на пазарот во Кина, а потоа и глобално.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Volkswagen ID Roomzz поседува режим на возење ID Pilot, кој претставува целосно автоматизирано возење од 4-то ниво. Кога ќе се префрли во овој модус, седиштата се завртуваат за 25 степени навнатре, за патниците да можат да комуницираат подиректно. Секое седиште може по желба да се намести и во лежечка положба.

Напредната функција на автопилот комплетно го менува и изгледот на арматурната табла. Целата табла во ID Roomzz практично е дисплеј, а воланот може целосно да се вовлече, затоа што не постои механичка врска со тркалата, туку само дигитална врска.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Различни се и материјалите во кабината, со седишта обложени со AppleSkin, нов материјал што целосно потекнува од обновливи извори, како и со дрвен фурнир во вратите. Активен систем за филтрирање се грижи воздухот во кабината да биде чист и во услови кога надворешниот воздух е загаден.

Со батеријата од 82 kWh може реално да се вози до 450 километри. Техниката дозволува и приклучување на полначи со 150 kW, на коишто полнењето до 80% трае половина час.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Двата електромотори постигнуваат системска моќност од 306 КС и овозможуваат погон на сите тркала. Спринтот до темпо сто трае 6,6 секунди, крајната брзина е ограничена на 180 km/h.

Првото појавување на овој техно-СУВ пред пошироката публика ќе биде на салонот во Шангај, кој се одржува меѓу 18-ти и 26-ти април.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mercedes ecitaro vizbaden

Рекордна нарачка од 56 електрични Mercedes eCitaro за Визбаден

Mercedes GLB Concept Shanghai

Нов член во семејството на A-Class: Премиера на Mercedes GLB во Шангај