за

Golf VIII ќе има светска премиера во октомври

фолксваген-голф-8
фолксваген-голф-8

Наесен стартува осмата генерација на бестселерот на Volkswagen. Место на салонот во Франкфурт, Golf VIII ќе има премиера кон крајот на октомври, во Волфсбург. Бината на ИАА ќе му припадне на електричниот ID.3.

Годинава пристига осмата генерација на Volkswagen Golf, автомобил што е обожуван од едни и критикуван од други, но секогаш со голема предност на првиве. Во досегашните 45 години и седум генерации, Golf е произведен во повеќе од 35 милиони примероци. Моделот е синоним за марката Volkswagen и еден од највредните полначи на касата на концернот.

Премиерата на Golf VIII се поместува по салонот во Франкфурт и ќе се одржи на 24-ти октомври во Волфсбург. Причината за тоа не е друго, туку ослободувањето на бината на ИАА за друга важна премиера на Volkswagen, за електричниот ID.3, за „голф на батерии“.

New item by Automedia MK / Google Photos

На техничарите им претстои најнапорниот и најважен дел од развојот и тестирањето на секоја нова моделска генерација. Golf VIII моментно се наоѓа во фазата што се води како „потврда на функционирањето и подготовка за старт“. Тоа е последната фаза, пред шефовите да дадат одобрение за конечното SOP, односно „Start of Production.

Конкуренцијата секогаш си „поигрува“ со пласирање информации за наводни проблеми; Кај Golf VIII нема отстапување од планираното, се’ е по план

Неколку влијателни медиуми пред извесно време излегоа со информација дека се поместува почетокот на сериското производство, заради наводни проблеми предизвикани од преголемата сложеност на електрониката. Пласирањето лажни вести не е ништо ново во браншата, затоа што моќните концерни и нивните водечки модели секогаш се чувствителни на информации, чијшто извор сосем јасно води до конкуренцијата.

New item by Automedia MK / Google Photos

Првиот човек во развојот на нови модели, др. Франк Велш, појаснува како реално се одвиваат работите во негова надлежност: „На годишно ниво се обработуваат околу 125.000 ‘тикети’ во околу 120 истражувања кои се одвиваат воисто време. Тикет може да се отвори за забелешки како на пример за крчење од звучниците, но исто така за откажување на целиот инфо-забавен систем.“

Оосмата генерација на Golf се води во проектот под име „VW 380

Новиот Golf прави голем напредок во дигитализацијата. Уште отсуствуваат јасни фотографии во јавноста и конкретни најави од менаџерите, но е сосем извесно дека во кокпитот ќе преовладуваат дисплеи. Копчињата и прекинувачите ќе бидат сведени на најмалата можна мера. Др. Ролф Целер, шеф во развојот на електрониката и електриката, објаснува: „Со новиот концепт на ентериерот го пренесуваме дигиталниот свет од секојдневното живеење на клиентите во нивното автомобилско секојдневие.“

New item by Automedia MK / Google Photos

Компактот од Волфсбург постојано ќе биде поврзан со податочен облак и ќе нуди нови услуги што се базираат на тоа, а ќе постои можност за купување софтвер – речиси исто како паметен телефон. Golf ќе биде подготвен за делумно автопилотирано возење и ќе може да разменува податоци со другите возила, како и со паметниот дом, и воопшто, паметната инфрастуктура.

Бројот на комбинации од мотори и менувачи е преполовен. Откажани се и неколку каросериски изведби, заради заштеда. Изведбата со три врати, ванот и кабриолетот исчезнуваат од понудата, но затоа ќе има отворена каросериска изведба од T-Roc.

New item by Automedia MK / Google Photos

Техниката се базира на платформата MBQ evo. Димензиите на каросеријата не се менуваат, исто како и меѓуоскиното растојание. Основниот модел ќе вози со трицилиндарски 1.0 TSI со 116 КС, но овој мотор ќе биде достапен малку подоцна. Повеќето варијанти на мотори ќе бидат достапни дури в година. Тоа што ќе биде достапно уште во 2019 се дволитарскиот дизел и 1,5-литарскиот TSI.

Благ хибрид, 48-волтна мрежа, повеќе плагин-хибриди, верзија со погон на метан

Дизелот од 1,6 литар заминува, дволитарскиот дизел ќе добие стартер-алтернатор и ќе работи како благ хибрид. TSI исто така ќе вози со стартер-алтернатор, но во мрежа под напон од 48 волти. Од следната година, може да се очекува варијанта на благ хибрид и за еднолитарскиот бензинец. Се претпоставува дека 1.0 TSI ќе се комбинира и во погонска спрега на плагин-хибрид. Посилна варијантата со плагин-хибриден погон ќе го користи 1.5 TSI, место 1,4-литарскиот бензинец кај сегашниот Golf GTE. Електричната верзија e-Golf заминува. На нејзиното место пристига ID.3, развиен како модел со чисто електричен погон.

Во втората половина од следната година ќе бидат претставени спортските изведби GTI со 260 КС и Golf R со повеќе од 300 КС. Спортувањето со дизел ќе успева кај GTD со 204 КС. Поради одличните вредности на емисијата при користење метан како погонско гориво, во новата генерација исто така ќе се нуди верзија TGI, во комбинација со 1,5-литарски TSI и со моќност од 130 КС.

Сé е по план со Golf VIII, производството започнува во третиот квартал

Volkswagen тестира Golf без возач по улиците на Хамбург

Среќен роденден, Golf

Тест: Volkswagen T-Roc 1.6 TDI

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

toyota hilux myanmar

Toyota Hilux од готови модули за пазарот во поранешна Бурма

монтажа електро компоненти кина

Автопилотот на Tesla поскап поради високите царини за Кина