160
22 shares, 160 points

Новата генерација на Volkswagen Golf ја доживеа својата премиера и се чека набрзо да започнат и испораките. Меѓутоа, новакот некако личи многу познато. Приказната за дизајнот овојпат добива посебна смисла. Во изгледот на Golf всушност се содржани многу од карактеристичните линии и елементи од пра-фолксвагенот, од бубата.

За осмото колено на Volkswagen Golf во меѓувреме се знае многу, единствено се чека да започнат испораките, за потоа компактот да се најде и на тестирање кај највлијателните автомобилски медиуми, вклучувајќи и споредбени тестови. Кај моделот што Волфсбург симболично го води како „Golf01“, сепак се забележува нешто различно во дизајнот. Додека помалку или повеќе вештите критичари ценат дека во дизајнот нема подрастични промени, „осумката“ всушност пристига со најголемата дизајнерска еволуција (секако не револуција) откако постои моделската серија.

Volkswagen повеќе не ја произведува „бубата“, а мали се изгледите дека легендата во видно време повторно ќе доживее уште една реинкарнација. Меѓутоа, бубата веќе е тука, во Golf VIII. Поточно, во дизајнот. Доколку се побараат карактеристичните линии од бубата во изгледот на новиот Golf, речиси е неверојатно кога ќе се препознаат сите до една. Колку повеќе се повлекуваат дизајнерски паралели, толку повеќе се откриваат нови. Волфсбург за тоа дефинитивно заслужува едно големо браво!

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Во редакцијата направивме едноставна скица, којашто посочува на сличностите. Светлата, на пример. Иако во нив работи супермодерна техника и имаат издолжена и сложена форма, доколку се гледа само графиката на дневното светло, се препознава круг – тоа е формата на светлата на бубата. Не само што се забележува круг, туку дизајнерски е присутен и карактеристичниот прстен околу светлата. Тоа што еден дел од светлото завлегува длабоко странично во крилата, веројатно треба да асоцира на карактеристичните трепкачи, кои кај бубата беа сместени врз самите крила.

Се’ почнува од заоблениот профил на хаубата кој личи многу познато; Volkswagen Golf VIII буквално е еволуција на дизајнот на бубата

Вториот највпечатлив белег е профилот на хаубата. Се забележува дека таа е силно свиена пред да премине во „носот“. Тука веќе нема двоумење. Во дизајнот на Golf вешто е вграден изгледот на бубата. Тоа е само основа. Неверојатно е што четирите карактеристични линии во хаубата на бубата се препознаваат во Golf. На нашата провизорна скица се повлечени само две линии, заради прегледност, но со помош на илустрациите што ги објавуваме тука може лесно да се откријат овие линии.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Дури и женствено заводливите облини во долниот дел од хаубата се препознаваат кај новиот автомобил. Двата јасно изразени надолжни рабови под маската сосем очигледно сугерираат на прецизните „метални“ форми на браникот на бубата. Кој е повеќе вешт со дизајнот, ќе пронајде уште многубројни паралели.

Совршено вертикалното водење на рабовите на предните врати исто така е елемент што ја имитира бубата. Тоа важи и за праговите, за острата странична линија по целата должина на каросеријата, за суптилно изведената линија под самиот раб на прозорците, којашто ќе се забележи единствено ако свесно се бара, но пак учествува во создавањето на појавата на автомобилов.

Покривот повеќе следи форма на купола отколку кај претходниците, како основно дизајнерско „правило“ кај бубата, па дури и опашот е заоблен, слично како историскиот модел. Може да се толкуваат и арките на крилата… Во секој случај, уште еднаш, браво Волсбург!

Пред премиерата: Кои се добавувачите на делови за новиот Golf VIII

Фолксваген Голф Осмиот: Дигитално место Дизел

 


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

160
22 shares, 160 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *