за

Volkswagen Golf Country од времето кога светот не знаеше за SUV

Публиката остана зачудена кога Volkswagen на салонот во Женева во 1989 година претстави еден многу необичен Golf. Студијата Montana потоа влезе во серија, се произведуваше година и пол и си замина. Но, култот на Golf Country остана.

Volkswagen имаше подготвено специјално изненадување за посетителите на салонот во Женева во 1989 година. На штандот се појави студијата Golf Montana, како проба дали публиката ќе ја прифати идејата за компактен автомобил со својства на теренски автомобил, и секако, со погон на сите тркала. Концернот од Волфсбург можеше да си дозволи вакви експерименти, затоа што ќерката Audi во почетокот на 1980-те години постигнуваше вистински чуда со својот погон quattro на рели-трките, а три години претходно и Volkswagen го понуди погонот syncro како опција во моделското семејство на Golf.

volkswagen golf country (3)Ефектот беше постигнат, пазарот покажа интерес за возилото и беше решено необичниот автомобил да се пушти во сериско производство. Конструиран врз основа на Golf CL syncro, „теренскиот“ Golf Country се појави во мај 1990 и остана во производство до декември 1991. Производството се одвиваше во фабриката на тогашниот Steyr-Daimler-Puch (денес Magna Steyr) во Грац. Volkswagen испорачуваше во австриската фабрика комплетно монтиран Golf CL syncro со 1,8-литарски бензинец со 98 КС, кој потоа стануваше Golf Country.

Опремен со сите „нишани“ на класичните теренски возила од тоа време

Каросеријата беше подигната на 180 милиметри од земја со помош на рамка изработена од челични цевки, напред беше поставен заштитен лак, под моторот се вградуваше заштита, а не отсуствуваше ниту карактеристичниот „теренски“ детал, резервно тркало закачено назад. Заради ограничување на промените во погонската спрега, моторот беше спуштен подолу во предниот кош, така што на крајот се добиваа 63 милиметри поголемо растојание од подлогата во споредба со Golf syncro. Во кабината се вградуваа спортски седишта и волан со четири пречки, сервоуправувањето следуваше како стандард, исто како и дополнителните светла напред.

volkswagen golf country (11)Во отсуство на блокади на диференцијалите, теренските својства заостануваа зад класичните теренци, така што предностите при возење по терен или по асфалт се сведуваа првенствено на постојаниот погон на сите тркала и зголемениот клиренс. Багажникот беше значително помал во споредба со стандардниот Golf и подот на багажникот се наоѓаше приближно во висина на браникот, затоа што просторот оздола го зафаќаше диференцијалот на задната оска.

Специјалната серија Chrom-Edition чинеше тогашни 52.200 германски марки

Во јули 1990 следуваше Golf Country Allround, како поевтина и „работна“ верзија на моделот, со вештачка кожа на седиштата и со обични бандажи. Оваа верзија се произведе во само 160 примероци и се испорачуваше само во „шумска зелена боја“. Во почетокот на 1991 година стартуваше и третата варијанта, Chrom-Edition, со кожени седишта во кремаста боја, сончев покрив со електрично ракување и хромирани детали во каросеријата. Оваа луксузна варијанта чинеше тогашни 52.200 германски марки и се испорачуваше само со црн лак на каросеријата. Само 558 примероци се изработија од овој модел.

volkswagen golf country (9)Volkswagen понуди уште неколку специјални верзии, вклучувајќи го Golf Country Wolfsburg Edition со мотор од Golf GTI со 107 КС, кој се изработе во серија од само 50 примероци, наменети за вработените во Volkswagen. се експериментираше и со други бензински и дизел мотори.

Со вкупна продукција од 7.735 примероци за една и пол година, Golf Country би можел да се протолкува како моделска утка на Volkswagen, но факт е дека тој беше неколку години пред своето време. Веќе во 1994 година, Toyota го претстави првиот RAV4 и го означи почетокот на бумот на лесни теренци и кросовери кој не само што се задржа до денес, туку и бележи енормен раст во последните години.

Денес Golf Country е ценет колекционерски примерок за кого се плаќаат и многу „солени“ цени, особено ако станува збор за примерок од специјалните серии.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Малечкиот Renault Kwid е бестселер за 4.000 евра – само за Индија

Skoda е автомобилската ѕвезда на Европските филмски награди во Берлин