за

Volkswagen Golf Alltrack: Овој Golf вози и по терен

Новитет во семејството на Golf е кросоверот Golf Alltrack, со погон на сите тркала, зголемен клиренс и каросерија со елементи на теренец

Наследникот на CrossGolf се вика Golf Alltrack. Покрај името се променија и многу други работи кај теренскиот модел, меѓу другото и основата што ја користи возилото.

Volkswagen го пушта Golf да вози по терен. Новата теренска варијанта на компактот на Volkswagen отсега ќе го носи името Alltrack. Премиерата е на салонот во Париз во почетокот на следниот месец, а продажбата ќе стартува напролет. Новиот модел не е само стилска изведба со побогата сериска опрема и за разлика од CrossGolf од претходната генерација не се базира врз верзијата со повишен покрив, тогаш под името Golf Plus, туку на комби моделот Golf Variant. Растојанието од подлогата е поголемо за 20 милиметри, погонот на сите тркала е стандард, а контролата на стабилноста поседува посебна програма за теренско возење.

Стилските додатоци какви што имаше претходникот CrossGolf ги поседува и новиот Golf Alltrack. Робусните додатоци во предниот дел, под праговите и назад ја штитат каросеријата од удари од камчиња и други оштетувања коишто може да произлезат при возење надвор од асфалтот.

Во дванаесеттата моделска изведба во гамата на актуелниот Golf има и неколку промени под хаубата. Покрај дизел моторите со 110, 150 и 184 КС, за прв пат во Golf се вградува и новиот 1,8-литарски бензинец. Турбо моторот со директно впрскување ослободува 180 КС и 280 њутнметри и исто како најсилниот дизел работи во комбинација со менувач со двојна спојка.
Со новиот бензинец, Golf Alltrack забрзува до сто за 7,8 секунди и постигнува 217 km/h. Како просечна потрошувачка се наведува вредност од 6,8 литри. Дизел моторите во просек трошат меѓу 4,7 и 5,1 литри.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот Mondeo: Сите детали за знаменосецот на Ford

Германија нуди бесплатен паркинг за електрични автомобили