171
22 shares, 171 points

Се проширува соработката меѓу Volkswagen и Ford, којашто првично беше замислена во делот на товарните возила. Сега ќе се соработува и во електричниот погон, како и во автопилотираното возење.

Volkswagen и Ford вложуваат заеднички во компанијата Argo AI, специјализирана за софтвер за автономно возење. Таа во иднина ќе вреди 7 милијарди долари. Двата концерни ќе соработуваат посебно со софтверскиот специјалист и ќе користат верзии на автопилотот Argo AI приспособени за своите возила и услуги. Целта е да се постигне скалест ефект, односно поевтинување, поради тоа што двете компании ќе користат заедничка основа.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Системот ќе се вградува во моделите наменети за пазарот во Европа и за САД, но тоа ќе биде и прв автопилотски систем што ќе се користи и за товарните возила. Станува збор за автопилот од ниво 4, кој може да најде примена за роботско такси или за достава во градското подрачје.

Volkswagen им ја нуди електричната платформа MEB на сите производители, Ford е првата компанија што ќе ја користи истата

Понатаму, Ford ќе ја користи платформата MEB наменета за електричните модели на Volkswagen, за најмалку еден свој големосериски модел со погон на струја. Тој модел ќе се појави во Европа во 2023 година. Ford очекува повеќе од 600.000 примероци од овој модел на база на MEB за период од шест години, само во Европа. Со пристапот до платформата на партнерот, Ford ќе може поевтино да ги развива своите идни електрични модели.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Volkswagen за три години вложи седум милијарди долари во MEB. Само во следната деценија, врз оваа платформа треба да се произведат повеќе од 15 милиони автомобили во целиот концерн. Ford инвестира 11,5 милијарди долари во електрификацијата на своите модели. Во оваа сума е вклучено и користењето на платформата MEB.

Продолжува и планот со когошто првично отпочна соработката, односно развојот на доставни возила и пикапи од средна класа, кои од 2022 година ќе се продаваат под двете марки, во повеќе региони ширум светот. Заштедата од скалестиот ефект се користи и во овој случај.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во овој дел од соработката, Ford ќе развива и произведува пикапи од средна класа за Европа, Африка, Средниот Исток, Пацификот и Јужна Америка. Овие пикапи ќе се продаваат под двете марки и ќе стартуваат во 2022 година. Ford ќе биде задолжен и за големите транспортери за Европа, односно за идните Transit и Crafter.

За возврат, Volkswagen ќе развива и произведува градски транспортери, односно модели помали од Caddy и Transit Connect за светскиот пазар. Соработката не влијае врз Ford Transit и Ranger, односно Transporter, Caddy и Amarok.

Соработката меѓу Volkswagen и Ford не предвидува размена на удел во акциите меѓу двете компании, како што тоа е случај кај Renault и Nissan.

Една од најпознатите соработки меѓу Volkswagen и Ford, со вановите Sharan и Galaxy, вклучувајќи ја Seat Alhambra

Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

171
22 shares, 171 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *