133
18 shares, 133 points

Volkswagen изработи примерок од историската буба со погон на струја, користејќи компоненти од погонската спрега на Volkswagen e-Up. Групацијата може во иднина да нуди технички китови за електрификација на стари генерации автомобили, достапни и за помали фирми.

Настапот на Volkswagen на салонот во Франкфурт ќе биде целосно во знак на електричниот погон, ама буквално целосно! На штандот на важниот автосалон ќе биде изложен стар Beetle со електричен погон. Притоа се користени делови од актуелното сериско производство на автомобили во концернот. Електромоторот, преносот и батерискиот систем потекнуваат од VW e-up. Преправката на возилото е дело на специјалистот eClassics.

Електромоторот испорачува 82 КС, батеријата е вградена во подот на возилото и се состои од 14 модули, секој со капацитет од по 2,6 киловатчасови, односно вкупно 36,8 kWh. Бројот на модули може да биде и помал, со тоа што соодветно се скусува и досегот, но и цената за купувачот. Поради зголемувањето на моќноста во споредба со серискиот модел, но и драстичното зголемување на тежината, техничарите ги зајакнаа подвозјето и сопирачките.

Кадар што ги спојува минатото, сегашноста и иднината, многумина авто-ентузијасти развиваат симпатии за идејата, стари автомобили да се префрлат на погон на струја
New photo by Automedia MK / Google Photos

Со тежина од 1.280 килограми, електричниот Beetle забрзува до 50 km/h за четири секунди, а уште четири секунди му се потребни до темпо 80. Крајната брзина изнесува 150 km/h, досегот е до 200 километри. Тоа е сосем доволно за тура за уживање во возењето на олдтајмерот со електричен погон. Возилото може да се приклучи на брз полнач CCS, односно за еден час на полнач се добива досег за повеќе од 150 километри.

Идејата на групацијата е да укаже на можноста за електрифицирање на други историски модели. Моментно се работи и на електрична изведба на легендарното комбе „були“, а можно е да се изработи и соодветна изведба од Porsche 356. Во предвид доаѓаат и компоненти од системот за заеднички компоненти за електричен погон MEB, кој нуди уште поголема моќност и подолг досег.

Со преправката на погонската техника не се нарушува класичниот изглед на Beetle, единствено се забележуваат дебелите прагови, поради батеријата што е вградена во подот
New photo by Automedia MK / Google Photos
Малите работилници и стартап-компании можат да нарачаат компоненти за самите да изведат електрична верзија на база на Beetle, во план се и други историски модели, па и Porsche 356
New photo by Automedia MK / Google Photos
Многубројни компоненти потекнуваат од тековното производство, брзиномерот исто така доаѓа од e-Up
New photo by Automedia MK / Google Photos

 

Буба со багажник назад? Вградувањето на електричната погонска техника, со исклучок на батеријата, не претставува проблем, затоа што е многу покомпактна и пофлексибилна во споредба со класичниот мотор
New photo by Automedia MK / Google Photos

 


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

133
18 shares, 133 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *