за

Последниот мотор произведен во Цвикау, фабриката на Volkswagen продолжува на струја

Последниот мотор од Цвикау, фабриката на Volkswagen се префрлува на струја
Последниот мотор од Цвикау, фабриката на Volkswagen се префрлува на струја

Со повеќе од 110-годишна историја, фабриката на Volkswagen во Цвикау го произведе последниот мотор со внатрешно согорување. Фабриката во Саксонија е прва во концернот што понатаму ќе проиведува само електрични возила. По ID.3, кон крајот на летото следи ID.4, за од следната година Цвикау да произведува шест електрични модели.

Од фабриката на Volkswagen во Цвикау излезе последниот автомобил со мотор со внатрешно согорување. Тоа е Golf R Variant од седмата генерација, со дволитарски бензинец и бисерна бела боја, нарачан од клиент во Германија. Понатаму од фабриката ќе излегуваат само модели на Volkswagen со електричен погон, а во иднина и модели од сестринските марки Audi и Seat.

Цвикау има долга традиција во браншата. Автомобили со мотор со внатрешно согорување се произведуваа таму уште од 1904 година. Прво беа возила од историската марка Horch, една од претходничките на денешниот Audi, потоа во времето на „ДДР“ се произведуваше Trabant, за потоа Volkswagen да ја презеде сопственоста и во мај 1990 година да започне со производство на сопствените модели во фабриката во западна Саксонија.

Во изминатите 30 години, од фабриката во Цвикау излетоа 6.049.207 автомобили Volkswagen, од моделските серии Polo, Golf, Golf Variant, Passat Limousine и Passat Variant

Веќе од следната година, електричните автомобили ќе стартуваат во Цвикау со капацитет за производство на 330.000 возила на годишно ниво. Во халата 6, каде што досега се изработуваше Golf Variant, веќе се подготвува производството за новите модели на струја. Кон крајот на летото, оттаму ќе почне да излегува ID.4, компактен СУВ-модел врз база на комбилимузината ID.3, а за понатаму се планира и производство на електричен СУВ од марката Audi. Од минатиот ноември, во фабриката во Саксонија се одвива сериското производство на ID.3 1st Edition.

Цвикау е прва фабрика во целиот концерн што се префрлува на производство само на автомобили со електричен погон

Во трансформацијата на фабриката се вложени 1,2 милијарда евра. Од крајот на следната година, во Цвикау ќе се произведуваат шест модели базирани врз платформата MEB. Околу 8.000 вработени минаа квалификација за работа со струја под висок напон.

Нарачките за ID.3, првиот електричен модел од новата генерација, стартуваа пред десет денови. Испораката на првата серија лимитирана во 30 илјади примероци ќе стартува во септември, цената на основниот модел е под 30.000 евра, не вклучувајќи субвенции

Во германската покраина Саксонија има уште две фабрики на Volkswagen. Во Дрезден до крајот на годината ќе се произведува e-Golf, а потоа продолжува ID.3, додека во Хемниц се произведуваат бензински мотори. Во Цвикау продолжува изработката на каросериите за луксузните СУВ-модели Lamborghini Urus и Bentley Bentayga.

Вкупна продукција на автомобили во Цвикау од 1904 година

Модел / Марка Продукција Период
Horch 33.500* 1904 до 1940
Audi 11.168 1910 до 1940
DKW (монтажа) 256.941 1931 до 1942
IFA 26.908 1949 до 1955
P 70 / P 240 38.178 1955 до 1959
Trabant 3.096.099 1957 до 1991
Volkswagen 6.049.207 1990 до 2020
Вкупно 9.512.001 1904 до 2020

Електричниот ID.3 на тест кај 150 вработени во Volkswagen

Електричниот ID.3 на тест кај 150 вработени во Volkswagen
Електричниот ID.3 на тест кај 150 вработени во Volkswagen

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Зошто Германската Железница ги бојадисува шините бело

Зошто Германската Железница ги бојадисува шините бело

Електричниот Polestar 2 прво за клиентите во Норвешка и Шведска

Електричниот Polestar 2 прво за клиентите во Норвешка и Шведска