Градот на германскиот концерн во неговите први две децении го посетиле повеќе од 40 милиони лица, а три милиони клиенти го презеле својот нов автомобил од оваа своевидна туристичка атракција во Волфсбург, во градот на Volkswagen. На 1-ви јуни има голема роденденска забава.
Во првиот ден од јуни, автомобилскиот град на концернот Volkswagen, Аутоштат, одбележува 20-годишнина. На роденденот на оваа своевидна туристичка атракција во Волфсбург, влезот ќе биде бесплатен. „Градот“ очекува голема посетеност, кусо откако Германија ги разлабави мерките за ограничено движење. Посетителите можат да го посетат музејот, студиото за електричните возила ID, посебните павилјони за секоја марка, а секако и да се гоштаваат во многубројните ресторани. Прославата ќе биде видлива оддалеку, затоа што прочуените автомобилски кули ќе бидат осветлени навечер.
Во најголемиот центар во светски рамки, во кој клиентите доаѓаат да си ги преземат своите нови возила од марките од концернот Volkswagen, од отворањето во 2000 година се испорачани повеќе од 3 милиони нови возила. Аутоштат досега го имаат посетено над 42 милиони лица. Со тоа, оваа атракција од автомобилската тематика се вбројува меѓу најпопуларните туристички цели во Германија.
На роденденската забава, на возрасните ќе им се послужува „хуго“, првиот пијалок што беше сервиран во Аутоштат во 2000 година. Станува збор за мешан пијалок од сируп од бозел и пенливо вино. Дополнително ќе биде послужен и органски сладолед во најразлични вкусови.
Од управата на Аутоштат посочуваат дека посетителите мора да внимаваат на важечките хигиенски и безбедносни мерки.