165
21 shares, 165 points

Porsche беше еден од главните профитери за концернот Volkswagen и во 2019 година. Кај останатите марки под гигантот од Волфсбург има неколку осцилации. Повеќе проблеми ќе донесе кризата околу корона.

Матичната марка на концернот Volkswagen и покрај просечните продажни резултати заработила повеќе во минатата година. Напредуваа и марките-ќерки Scania и Porsche. Во поглед на очекувањата за 2020 година, најголемиот автомобилски концерн во светот очекува кризата околу вирусот корона да остави големи последици врз бизнисот. Шефот на концернот, Херберт Дис, коментира: „Пандемијата на корона нé става пред оперативни и финансиски предизвици што не можеме да ги претпоставиме.“

Како што компанијата објави денес, при поднесувањето на целосниот деловен извештај, оперативната заработка без посебни издатоци пораснала од 3,2 милијарди евра во 2018 година, на 3,8 милијарди евра лани. Трошоците на име на дизел-кризата останале на исто ниво како лани и изнесуваат 1,9 милијарда евра.

Големи вложувања во електричните автомобили и инфраструктурата за нив

Прометот на матичната марка Volkswagen се зголемил за 4,5 проценти, на 88,4 милијарди евра. Продажбите се смалиле на повеќето пазари поради ослабнатата економија. Во исто време, марката во 2019 година вложи милијарди во развојот на електромобилноста. Во извештајот се наведува дека „послабата продажба на патничките автомобили, иницијалните трошоци и променливите девизни курсеви“ биле надоместени преку „подобрениот микс на продадените модели и подоброто ценовно позиционирање“. Продажбата на марката Volkswagen моментно расте најмногу благодарение на новите СУВ-модели, кои воедно имаат и повисоки цени од обичните модели.

Електрични автомобили Италија
Електрични автомобили Италија

Заработката на Porsche се зголемила за 2,4 проценти, на 4,2 милијарди евра. Skoda, Seat, Bentley и камионските марки Scania и MAN исто така напредувале. Наспроти тоа, оперативната заработка на Audi се намалила од 4,7 на 4,5 милијарди евра. Минус има и кај огранокот со лесните товарни возила од марката Volkswagen, чијшто профит се намалил од 780 на 510 милиони евра.

Шефот на концернот, Дис, има песимистички предвидувања: „2020 ќе биде многу тешка година.“ Првиот менаџер на гигантот од Волфсбург е загрижен и околу економската ситуација. „Преку обединување на нашите сили, тесна соработка и добар морал во концернот, ќе успееме да ја надминеме корона-кризата.“ Првиот човек во финансиите, Франк Витер, исто така нема позитивни очекувања за натамошното одвивање на бизнисот: „Неизвесно е со колкава тежина и колку долго последиците од ширењето на вирусот ќе го погодат концернот Volkswagen. Речиси е невозможно да се даде доволно сигурна прогноза.“

Volkswagen во меѓувреме го прекина производството во повеќето фабрики во Кина. Ситуацијата таму сепак почнува да се стабилизира

Групацијата Volkswagen во 2019 година ја зголемила вкупната заработка за 12,8 проценти, на 13,3 милијарди евра. Прометот се зголемил за 7,1 проценти, на 252,6 милијарди евра. Овој позитивен биланс се должи на одличната продажба на СУВ-моделите, на ефектите од штедењето и намалените трошоци за надминување на кризата околу издувните гасови.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

165
21 shares, 165 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *