за

Volkswagen ја прекинува продажбата на дизел модели во САД

По откривањето на скандалот со лажните вредности на издувните гасови во САД, Volkswagen реши привремено да ја прекине продажбата на возила на овој значаен пазар. На концернот му се закануваат казни во висина од десетици милијарди евра.

Volkswagen ја прекина продажбата на модели со дизел мотори со четири цилиндри на пазарот во САД, откако агенцијата за заштита на животната средина откри манипулации околу количината на штетни материи во издувот на овие возила. Гигантот од Волфсбург синоќа ја потврди вистинитоста на обвинувањата дека користел посебен софтвер за пред властите да прикаже пониски вредности на штетните гасови од реалните.

Шефот на германскиот концерн Мартин Винтеркорн најави детална истрага околу скандалот со издувните гасови. „Најдлабоко жалам што ја изневеривме довербата на нашите клиенти и на јавноста,“ изјави тој во централата во Волфсбург. Според Винтеркорн, овие случувања имаат врвен приоритет за раководството на концернот, но и лично за него.

Volkswagen наложи надворешна истрага, за да ги спречи прекршувањата на законските прописи и ќе вложи се да ја врати довербата: „Соработуваме отворено и темелно со надлежните институции со цел безо и транспарентно да го решиме проблемот во целиот обем,“ изјави шефот на концернот.

Можна е казна во висина до 16,9 милијарди евра: По 33.000 евра за секое продадено возило

Американската агенција за заштита на животната средина ЕПА го обвинува Volkswagen дека ги прекршил прописите за издувни гасови кај повеќе модели со дизел мотор. Станува збор за близу половина милион возила. Според наводите на агенцијата, на концернот му се заканува казна во висина до 16,9 милијарди евра. Според агенцијата, „во овие автомобили е вчитана софтверска програма, којашто го исклучува ограничувањето на издувните гасови при нормално возење и го вклучува повторно при проверка на издувните гасови.“

Врвните автомобилски експерти се запрепастени и гледаат опасност за целата германска технологија на дизел мотори. На овој начин се наштетува и самиот имиџ на возилата со дизел мотор. BMW и Mercedes се соочуваат со истиот проблем, откако во минатите години инвестираа огромни суми во популаризацијата на дизел погонот во САД, како шанса за постигнување предност пред конкуренцијата, првенствено од азиските марки.

Се јавуваат и еколошките организации во Европа, кои се сомневаат дека овие манипулации се применувани и кај возилата на европскиот пазар. Секако дека овие масивни манипулации со издувните гасови не можеле да бидат извршени без врвното раководство на производителот од Волфсбург да биде свесно за тоа. Другите производители исто така се под сомнение.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mazda: Сигурносни проблеми со бравите за пристап без клуч

Како Американците ги открија измамите на Volkswagen