за

Volkswagen стокми гран-туризмо во стилот на Panamera

Класичната лимузинска форма во вишиот сегмент се продава единствено кај премиум марките. На „народските“ марки им преостанува нешто друго. Phaeton беше утка, Arteon може да биде вистинскиот модел, за Volkswagen да ги привлече купувачите во овој сегмент. Но, во сопствениот концерн веќе има два силни конкуренти: Audi A7 Sportback и Porsche Panamera. Покрај свежиот стил на Arteon, цената не е единственото што ќе решава за изборот.

Далеку над очекувањата. Тоа е првата реакција по премиерата на новиот знаменосец на Volkswagen и наследник на CC и Phaeton. Германците го сметаат новиот Arteon за гран-туризмо и не претеруваат. Линијата е безмалку фантастична, многубројните впечатливи детали му даваат сувереност и престижна нота на автомобилот, Arteon е веројатно најголемото стилско освежување во моделската понуда на Volkswagen во последниве години, а веројатно и децении. Но, првата реакција вели и: Зарем ова не наликува премногу на сопствената Porsche Panamera од концернот и зарем Audi немаше еден сличен модел, A7 Sportback?

Volkswagen Arteon 00002

Стратезите на концернот секако дека се свесни за тоа и ваквите реакции нема да им претставуваат изненадување. Дали Arteon ќе му ги преземе купувачите на Audi или ќе биде дискредитиран како „евтина“ копија на Panamera, сеедно е. Како што неофицијално умеат да коментираат менаџерите: Се завршува во истата каса. Автомобилот е тука и добар е. Всушност, многу повеќе од тоа.

Volkswagen Arteon 00003

Според Тобијас Зилман, дизајнер на каросеријата, Arteon „со своето долго меѓуоскино растојание, развлечената линија на покривот, купеовскиот дизајн и големиот заден капак нуди повеќе простор и варијабилност од класичните лимузини“. Основата е платформата MQB, што значи Passat, Golf & Co., со попречно вграден мотор. Меѓуоскиното растојание изнесува 2.841 mm, должината 4.862 mm. Во комбинација со ширина од 1.871 mm и висина од 1.427 mm произлегува профил што е развлечен и изгледа како да е прилепен за асфалтот. Впечатлив детал е хаубата што завлегува во крилата и маската што уште толку додава во ширина. Во светлата стандардно работат светлечки диоди. Широките задни крила во стил на Panamera даваат згодна спортска нота.

Volkswagen Arteon 00012

Arteon ќе се продава глобално, стартувајќи в лето, прво од германскиот пазар. Шест мотори ќе бидат во понудата, во дијапазон од 150 КС до 280 КС, ќе има и верзија со погон на сите тркала, купувачите ќе можат да доплатат и за дигитални инструменти. Системите за асистенција продолжуваат да се развиваат и во Arteon ќе се вградува автоматски темпомат што меѓу другото може да се раководи според брзинските ограничувања добиени преку навигацијата, ќе има и светла што го приспособуваат снопот исто така според податоците од навигацијата. Во случај на здравствен проблем кај возачот, вештачката интелигенција го препознава тоа и безбедно го пренасочува возилото во крајната десна лента, запирајќи го и испраќајќи сигнал до службите за брза помош.

Volkswagen Arteon 00013

Три нивоа на опрема се достапни: Основно, Elegance и спортско R-Line. На списокот на дополнителна опрема се наоѓаат панорамски покрив со можност за отворање, тризонска клима со сензор за квалитет на воздухот и антиалергиски филтер, масажа во предните седишта и двобојна кожа во ентериерот.

Сите мотори може да се комбинираат со менувач со двојна спојка, вклучувајќи го и 1,5-литарскиот бензинец, кој посебно се грижи за штедливоста, со можноста за исклучување на дел од цилиндрите при пониско оптоварување. Менувачот DSG е стандард кај бензинците над 190 КС и кај 2.0 TDI со 240 КС. Најсилните модели стандардно располагаат и со погон на сите тркала 4Motion.

И сега некој уште ќе се сеќава или ќе поверува дека Volkswagen некогаш имал дизел-афера?

[FAG id=27429]

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Технологијата е „закон“ во овој суперавтомобил: Techrules Ren

Civic Type R е последниот моќник на Honda со класичен погон