за

Volkswagen стартува со сервисниот повик во јануари

Во првото интервју како шеф на Volkswagen, Матијас Милер најави дека неговата компанија ќе стартува со сервисниот повик во јануари. Во повеќето возила ќе биде заменет софтверот, но во некои ќе бидат потребни и подлабоки зафати.

Во првото интервју по неговото стапување на позицијата прв човек во концернот Volkswagen, Матијас Милер најавува дека очекуваниот сервисен повик за возилата од концернот ќе стартува во јануари. Милер, во интерјуто за утрешното издание на Франкфуртер Алгемајне Цајтунг, изјавува: „Во текот на оваа недела ќе ги соопштиме предлозите за техничките решенија до Сојузната служба за моторен сообраќај. Откако тие ќе бидат прифатени, ние ќе ги нарачаме деловите. Доколку сé се одвива според планираното, можеме да започнеме со поправката во јануари,“ изјави претседателот на Volkswagen. Големата сервисна акција што се однесува на возилата со дизел мотор врз чијшто софтвер е извршена манипулацијата, се очекува да заврши до крајот на 2016 година. „Франкфуртер“ претходно објави дека проблемот не се однесува на 11 милиони возила, како што досега се шпекулираше, туку на 9,5 милиони возила. Милер го коментира тоа: „Да се надеваме дека се помалу. Но, сé уште се премногу.“

Врз најголемиот дел од возилата ќе може да се интервенира преку обновување на софтверот, но постојат и неколку модели кај коишто ќе биде потребно да се извршат подлабоки интервенции во самите компоненти на возилото. „Доколку има потреба, ќе ги замениме деловите. Тоа, секако, ќе биде бесплатно за клиентите,“ изјавува Милер. Милијардите евра што ќе бидат потребни за поправки и плаќање на казните, Volkswagen ќе се обиде да ги надомести преку строга програма за штедење. Милер, меѓу другото, планира да ги одложи инвестициите во производствена машинерија и во инфраструктурата. Покрај тоа, под знак на прашање ќе се најдат и идните проекти, како новата генерација на моделот од високата класа Volkswagen Plaeton, но и благородните марки, како Bugatti. Се размислува и за откажување на ангажманот во фудбалот.

Шефот е особено загрижен за вработените, кои не ќе можат да очекуваат дивиденда за тековната година. „Не смееме да ги казнуваме нашите вработени за нешто за што тие се немоќни,“ изјавува Милер. Според новиот шеф на најголемиот европски производител на автомобили, досега не е забележано намалување на бројот на нарачки.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota е највредна автомобилска марка во светот – повторно

Евтините зимски гуми можат да чинат многу скапо