за

Volkswagen и Hyundai со најголем раст во продажбата

Германскиот и корејскиот гигант се издвојуваат со стапката на раст на продажбата

Најголемите 17 автопроизводители лани продале рекордни 74,9 милиони патнички возила. Некои од нив сепак напредуваат повеќе од другите. VW и Hyundai ја дуплираа продажбата во последните десет години.

Добрата вест за производителите на автомобили е тоа што пазарот продолжува да расте. Седумнаесетте најголеми производители во светот лани повторно ја зголемиле продажбата, со рекордни 74,9 милиони возила на глобално ниво, односно 3,8 проценти повеќе отколку во предминатата година. Но, отрезнувањето следува сега: Само два пазара лани донесе пораст од преку три милиони возила – кинескиот и северноамериканскиот пазар. Од 2010 година, продажбата на овие пазари се зголемила за дури 12 милиони автомобили. Наскоро Кина и САД ќе сочинуваат половина од светската продажба на автомобили. Во истиот период, автомобилската продажба во Западна Европа се смалила за 0,9 милион возила.

Продажните резултати на најголемите 17 автомобилски марки лани
Продажните резултати на најголемите 17 автомобилски марки лани

Најголеми добитници на глобално ниво се особено германските концерни Daimler (+ 9,9 проценти) и BMW (+ 7,9 проценти), како и Hyundai  (+ 5,9 проценти) и Volkswagen  (+ 4,5 проценти). Солиден раст бележат и малечките јапонски марки Subaru (+ 15,6 проценти) и Mazda (6,6 проценти), исто како и Jaguar Land Rover. Под просекот на браншата се Ford (- 0,1 процент), Suzuki (+ 1,0 процент), како и General Motors (GM) и Toyota.

Најголемиот поттик за продажбата и натаму доаѓа од Кина

Најуспешните производители профитираат од доброто позиционирање на пазарот во Кина. Volkswagen, како лидер на тамошниот пазар, лани го задржа својот пазарен удел и во Кина постигнува 37 проценти од својата глобална продажба. За споредба, германскиот гигант постигнува 31 проценти од својата продажба во Западна Европа. Најголем раст на кинескиот пазар во минатата година забележа францускиот концерн PSA Peugeot Citroen, со зголемување од 32 проценти. Еден од четири автомобили од концернот во меѓувреме се продаваат во Кина.

Јапонските марки повеќе профитираат во САД, каде што Toyota е трета најпродавана марка и секој четврти автомобил од концернот оди кај сопственик од Северна Америка. Најголем раст на овој пазар забележаа Subaru (+ 21 проценти), Chrysler (+ 16 проценти) и Nissan (+ 11 проценти). Продажбата на Ford се намали за 0,6 проценти, додека Volkswagen продаде два процента помалку возила.

Според глобалните резултати за лани, Toyota (без Hino) е во мала предност со 10,06 милиони возила во однос на концернот Volkswagen (9,94 милиони возила, без MAN и Scania), додека General Motors за првпат се најде на третото место со 9,92 милиони возила. Тесната битка ќе продолжи и годинава. Експертите проценуваат пораст од 2,6 проценти за Volkswagen (10,2 милиони автомобили) и 1,9 процент за Toyota (10,25 милиони автомобили). Најголем раст меѓу петте најголеми се очекува кај Hyundai-Kia (8,3 милиони, +3,7%) и Ford (6,6 милиони, +4,4%).

Hyundai со 130-процентно зголемување на продажбата од 2005 година

Корејците предничат и во напредокот за период од десет години. Hyundai-Kia ја зголемиле продажбата за 130 проценти од 2005 година. Дури и 90-те проценти на групацијата Volkswagen изгледаат скромно во споредба со Hyundai-Kia. Во период од една декада голем пораст во продажбата забележаа и Daimler (+ 66 проценти) и BMW (+ 60 проценти), првенствено на пазарите во САД и Кина, додека Nissan во истиот период пораснал за 49 проценти. Неколку марки сепак заостануваат и повеќе не успеваат да го одржуваат чекорот со глобалниот пораст, особено Mitsubishi со пад во продажбата за 20 проценти во споредба со 2005 година, PSA Peugeot Citroen (-13%), Ford (-7%), Fiat-Chrysler (-13%), како и Renault (+7%) и General Motors со осум проценти.

На национално ниво, најголем производител на автомобили во светот е Кина со 27 проценти од глобалната продукција, пред САД со 13 и Јапонија со 11 проценти, додека „автонацијата“ Германија е на четвртото место со седум проценти. Вклучувајќи ги товарните возила, лани во светот се произвеле вкупно 87,6 милиони моторни возила, што претставува зголемување од 3,3 проценти.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Audi R8: Најсилен и најбрз сериски Audi во историјата

Yamaha планира градски двосед во стил на Smart