за ,

Volkswagen им се додворува на Американките: Битл-манија во Њујорк

Volkswagen Beetle минува одлично на пазарот во САД. Поточно, минуваше, затоа што љубовта на Американките веќе почна да слабее. Германците имаат идеја како да ја вратат љубовта – со нови бои и „штофови“.

Продажбата на Beetle во Европа никогаш не можела да ги достигне бројките на оригиналната „буба“. Во последно време, ретро моделот се продава сé послабо и на пазарот во САД. Но, мајсторите за продажба од Волфсбург знаат како повторно да ја поттикнат љубовта на американските дами и тоа го покажаа со четирите концептни автомобили на салонот во Њујорк.

Не е случајност тоа што студиите на ретро-бубата се претставени токму во Соединетите Држави, затоа што тркалезниот сродник на Golf, на тамошниот пазар се продава како на никое друго место во светот. Во најдобрите времиња, во почетокот на милениумот, продажбата достигнуваше по 80.000 примероци. Тоа е фантастична бројка за автомобил што е премалечок и недоволно практичен според американските гледишта. Втората генерација, којашто во САД се продава од 2012 година, лани достигна само 30.000 продадени примероци.

Причината за падот во продажбата, од една страна лежи и во зголемената понуда на модели од конкурентските марки, но од друга страна и во новиот имиџ на моделот. Стратезите на Volkswagen планираа новата генерација на „бубата“ да ја ослободат од имиџот на женски автомобил од претходните генерации на ретро-моделот, па соодветно на тоа денешниот модел има многу повеќе „мускули“ во изгледот на каросеријата. Како резултат од тоа, една третина од сопствениците на актуелниот Beetle се мажи, додека кај претходникот беа само 25 проценти. Но, сега дамите не го сакаат автомобилот.

Буба во фармерки

Оттука станува јасно зошто највпечатливиот примерок од штотуку претставената четворка концептни автомобили има розова боја на каросеријата. Според Volkswagen, оваа боја моментно е најбарана во Менхетен и во другите модни центри во светот. Розовата „буба“ има задача да ги тестира реакциите на публиката. Доколку тие се позитивни, розовата „буба“ во иднина ќе се нуди во САД и Кина, а можеби и на другите пазари.

Модни акценти става и изданието „Деним“, коешто со боите го следи примерот на култниот „Jeans Bug“ од 1970-те години. Највпечатливи елементи се лакот „ Stonewashed blue metallic“, покривот од џинс и елементите во внатрешноста. Купувачите на западниот брег помалку се интересираат за модата. Нив повеќе им лежи релаксацијата. За купувачите во Калифорнија и за нивните истомисленици, Volkswagen го претвори Beetle во сурф-мобил. Интересен детал на „Cabriolet Wave“ е кокпитот од дрво, којшто потсеќа на судфборд. Последен во семејството салонски автомобили е Beetle Concept R-Line со нагласен спортски имиџ. За тоа придонесуваат браниците, дифузорот и големиот заден спојлер. Што ќе се случи по салонот, решава само публиката – и Volkswagen.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Jeep казнет со 150 милиони евра поради предизвикана смрт на дете

Њујорк 2015: Сите светски премиери на салонот покрај Хадсон Ривер