за

Volkswagen го претстави новиот Golf во Волфсбург

Зошто толку врева околу фејслифтот на Golf? Со денешното претставување на освеженото издание на својот најстратешки модел, Volkswagen го одбележува стартот на најголемото моделско освежување во историјата на марката. Во следните четири години ќе биде обновена целата понуда од модели на Volkswagen. Главните новитети во Golf? Полу-таблет во средишната конзола и полу-автопилот до 60 km/h.

Во висококатницата на Volkswagen во Волфсбург пред само неколку часови е претставено новото моделско годиште на Golf. Дизајнот доби неколку поостри линии, има нови мотори, нови системи за асистенција и нова генерација мултимедиски системи. За првпат во компакт класата се вградува систем за ракување со гестикулација пред дисплејот од 9,2 инчи во средишната конзола, наречен Discover Pro. Во истиот стил се и дигиталните инструменти Active Info Display, по пример на Passat. Golf е меѓу првите модели во класата коишто нудат и делумно автоматизирано возење, со темпомат којшто самостојно го запира и забрзува возилото, а може да изврши и мали корекции на правецот.

volkswagen golf fl 00028

Според шефот Херберт Дис, не постои компактен автомобил што е „поинтелигентен, побезбеден и повеќе конектиран.“ Тој воедно најави дека во 2017 година ќе бидат претставени над десет нови или освежени модели на Volkswagen.

Од системите за асистенција, покрај спомнатиот „асистент за застој на пат“, достапни се самостојно запирање при опасност, вклучувајќи и детектирање пешак на патот, како и автоматско испраќање сигнал при незгода. Главната премиера во Golf и во компакт класата се однесува на асистентот за метеж: „Со спојот на системот за следење лента Lane Assist и темпоматот ACC, асистентот за застој на патот по барање на возачот ја презема контролата до 60 km/h при возење со постојано запирање и поаѓање. Тој го управува, го сопира и го забрзува новиот Golf.“

Нов 1,5-литарски турбобензинец со 150 и 130 КС во замена за 1.4 TSI

Како што веќе објавивме, новитети има и во моторите. Бензинецот од 1,5 литар доживува прво вградување во Golf и го заменува 1,4-литарскиот TSI. Овој „1.5 TSI evo“ располага со 150 КС и со исклучување на цилиндрите при помало оптоварување. Верзијата BlueMotion од овој мотор ќе располага со 130 КС, исто така со исклучување на цилиндрите, но и со нова функција на „едрење“, при што моторот целотно се исклучува во одредени сутиации во возењето.

https://youtu.be/tNBSRszR8j4

Volkswagen ветува дека со оваа штедлива верзија на 1.5 TSI, потрошувачката се намалува до еден литар во реални услови. На сперотивниот крај од понудата, Golf GTI не пропушти да додаде уште неколку коњски и во иднина ќе вози со 230 КС, односно со 254 КС во GTI Performance. Нов седумстепен менувач со двојна спојка го заменува стариот со шест степени.

Цените остануваат непроменети и покрај побогатата опременост

Освежувањето ги зафати верзиите со три и пет врати, комбито Variant и спортските верзии GTI и GTE. Ново моделско годиште се распознава по браниците, предните светла со диодни дневни светла, или со доплата, предни светла што користат диоди за сите функции, како и по новите предни крила, диодните задни светла во сите верзии и новиот дизајн на бандажите.

Нарачките почнуваат во декември, без промена во цената на моделските изведби и покрај побогатата опременост. Во следната недела во Лос Анџелес ќе биде претставен и електричниот e-Golf со досег зголемен на 300 километри, како што беше најавено уште во октомври.

[FAG id=26250]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Продолжува зголемувањето на продажбата на Audi во САД

BMW i3 со „Златен волан“ и „Зелен волан“ во изборот на Auto Bild