за

Volkswagen го откажува Polo со две врати

Европскиот број 1 планира да ги укине моделите што се продаваат послабо. Моментно се размислува за откажување од верзијата на Polo со две врати, но се спомнуваат и други модели и мерки.

Во Volkswagen е во тек „домаќинска“ програма за штедење, во којашто се проверува секаква можност за заштеда. Како дел од оваа програма, идната генерација на Polo ќе се нуди на пазарот само во изведба со четири врати, додека поевтината верзија со две врати отпаѓа. Само овој чекор ќе му донесе на гигантот од Волфсбург заштеда од околу 200 милиони евра. Се споменува и исплатливоста на компактното купе Scirocco, како и на ретро-моделот Beetle.

Планот на производителот е да заштеди пет милијарди евра на својата матична марка Volkswagen, кај којашто заработката по возило е пониска отколку кај Audi, Porsche или ексклузивните марки во концернот. Моментно се разговара околу верзијата на Polo со две врати, но уште не е донесена крајната одлука. Можност за заштеда се бара и во евентуално намалување на бројот на мотори и менувачи во понудата.

Откажувањето од Beetle е само шпекулација

Beetle постигнува одлична продажба во САД и Volkswagen нема намера да се откаже од овој модел
Beetle постигнува одлична продажба во САД и Volkswagen нема намера да се откаже од овој модел

Планот, пак, Volkswagen да се откаже од наследник на Beetle, сепак претставува обична шпекулација. Откако во минатото лето започна програмата за штедење, разгледувањето на можностите за намалување на разновидноста на модели и варијанти е секојдневна тема во Волфсбург. Во почетокот на април, производителот планира да прикаже повеќе концепти за иднината на Beetle, на салонот во Њујорк. Моделот ужива голема популарност во САД и придонесува во одржувањето на стабилноста во продажбата на Volkswagen на овој голем пазар.

Секој модел на Passat мора да има иста висина

Затоа, пак, потенцијал за штедење има кај Passat. Во производството на стратешкиот модел од средната класа се користи цела дузина различни изведби на навојни пружини за амортизацијата. Причините за тоа не се само од техничка природа. Традиционалната германска перфекција наложува секоја моделска изведба на Passat да има иста висина, без разлика на вградениот мотор или менувач, со коишто се менува тежината на возилото. Во прашање е разлика од само неколку милиметри, којашто не се забележува дури и кога две различни изведби на Passat се паркирани еднододруго.

Перфекцијата е скапа: За секој модел на Passat да има иста висина, независно од моторот и менувачот, Volkswagen користи дузина различни сетови од пружини
Перфекцијата е скапа: За секој модел на Passat да има иста висина, независно од моторот и менувачот, Volkswagen користи дузина различни сетови од пружини

Во секој случај, штедењето е мерка од којашто ќе профитираат и купувачите. Volkswagen отсекогаш воведувал револуционерни чекори, коишто носеле квалитативен напредок, како што беше случај со платформската стратегија пред повеќе од дваесет години. Во меѓувреме, целата бранша е ориентирана на платформска стратегија, па дури се преминува и на унифицирање на работната зафатнина по цилиндар кај новите генерации мотори. Штедењето е повеќе во насока да се остави простор за воведување нови технологии заради задоволување на строгите норми за издувни гасови во иднина, а тие технологии повеќе не се толку „евтини“.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Женева 2015: Авангарда на иднината на Audi

Роботи ги „возат“ автомобилите на Audi