167
21 shares, 167 points

Само два дена по премиерата во Женева, Volkswagen стартува со нарачки за новиот Arteon на германскиот пазар. Понудата засега ги вклучува само најсилните моделски изведби, бензинец со 280 КС и дизел со 240 КС. Обете верзии стандардно располагаат со менувач со двојна спојка и погон на сите тркала.

Комбинација од емотивен дизајн, спортска каризма, висока присособливост и голема просторна понуда – тоа се главните вредности со коишто Volkswagen ги очекува купувачите на купе-лимузината Arteon, штотуку претставена на салонот во Женева. Наследникот на CC веќе стартува со нарачки на германскиот пазар, во двете најсилни моделски изведби, со дволитарски TSI со 280 КС и со 2.0 TDI Bi-Turbo со 240 КС. Погонот на сите тркала и менувачот со двојна спојка следуваат како стандард во овие изведби.

Позициониран меѓу CC и пензионираниот Phaeton, новиот модел е замислен како престижен гран-туризмо и соодветно на тоа настапува со повисока спецификација од претходното купе-лимузина на база на Passat. Патниците на задната клупа добиваат повеќе простор, а преку комбилимузинскиот капак на багажникот во стил на Superb се пристапува до багажникот со стандардна зафатнина од 563, односно максимални 1.557 литри.

http://automedia.mk/objavi/27426

Од „техникалиите“ во Arteon следуваат дигитална и програмабилна табла со инструменти, проекциски дисплеј и инфо-забавен систем со дисплеј што реагира на гестикулација. Три нови системи за асистенција пристигаат во спортски скроената купе-лимузина: Радарски темпомат, којшто отсега ја приспособува брзината според отчитувањето на сообраќајните знаци, динамични светла што користат податоци од навигацијата, како и систем за итен случај, кој самостојно и безбедно го пренасочува возилото во помошната лента кога електрониката ќе воспостави дека возачот не може да управува поради здравствен проблем.

Цената за Arteon со дволитарскиот бензинец со 280 КС на германскиот пазар изнесува 49.325 евра, додека дизелот со 240 КС чини 51.600 евра. Во споредба со германските цени, Arteon е за 3.075 евра поскап од Passat 2.0 TSI 4Motion DSG Highline, односно 4.925 евра поскап од 2.0 TDI 4Motion DSG во истото ниво на опрема.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

167
21 shares, 167 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *