за

Volkswagen во хибридна офанзива: Следен е Passat со две срца

Светска премиера на салонот во Париз за Passat GTE, новиот хибрид на Volkswagen со системска моќност од 218 КС, досег до 50 km на струја и просек од 2,0 L/100 km.

Осмата генерација на Passat штотуку стартува со кариерата со сите новитети што ги нуди, а Volkswagen веќе ја најавува следната моделска изведба во гамата на бестселерот во средната класа. Passat GTE го има истиот погон како Golf GTE пред него, што значи дека комбинира бензинец од 156 КС, електромотор од 115 КС и батерии што може да се полнат и на приклучок за струја, не само во возењето. Со батерии полни до врв, хибридниот Passat може да измине до 50 километри без ниту еден грам гориво, што во вообичаени услови на возење може да биде доволно и за два дена, без потреба од повторно приклучување на полнач. Некои градови имаат и посебни привилегии за електричниот модус на Passat. Лондон, на пример, ќе го ослободи сопственикот на овој Volkswagen од плаќање „патарина“ за влез во центарот на Лондон.

Комбинацијата од електромотор и 1,4-литарски бензинец дава на располагање 218 КС, 400 њутнметри и досег од преку 1.000 километри – што е доволно за целата релација Париз-Лондон-Париз. Според нормите за хибридни возила, големиот GTE во првите сто километри троши 2,0 литри бензин. Со струјата во батериите, Passat вози максимално 130 km/h, односно 220 km/h кога работата се препушта единствено на TSI. Силата се пренесува на предните тркала преку шестстепен менувач со двојна спојка, развиен посебно за примена во хибридите на Volkswagen. Забрзувањето до сто трае 8,0 секунди, во модусот GTE, со заеднички ангажман на двете срца во погонот.

Продажбата на Passat GTE ќе стартува во втората половина од 2015 година, како лимузина и комби Variant. По моделите XL1, e-up, e-Golf и Golf GTE, Passat е петтиот модел што може со енергијата во батериите да ја совлада вообичаената дневна рута, без ниту грам СО2. Опремата на GTE е особено богата и вклучува ставки што кај стандардните модели најчесто се достапни како опција: Диодни дневни светла, препознавање замор, радарски систем за препознавање опасност од судир и самостојно запирање при неизбежен судир, паркинг сензори, хромирани лајсни на прозорците и комфорни седишта напред.

По примерот на Golf GTE, хибридниот Passat има неколку обележја во каросеријата и ентериерот. Маската има различен дизајн, со дополнителна сина линија, се разликува и браникот со впечатливи попречни лајсни во долната маска, а диодните дневни светла се во форма на C. Сината боја не е случајна, Volkswagen ја толкува како „боја на струјата“ и ја користи во сите свои модели со хибриден и електричен погон.

Инструмент таблата на GTE дополнително поседува и „мерач на моќност“, во средишната конзола е серискиот мултимедиски систем Composition Media, дополнително со приказ на работата на хибридот, додека за осветлувањето на кабината се користи сино амбиентално светло. Сопствениците на Passat GTE можат со помош на апликацијата за мобилен Car-Net e-Remote далечински да стартуваат полнење на батеријата, како и да ја вклучуваат и исклучуваат климата во кабината.

За актуелните состојби со хибридните возила на нашиот пазар и нивната иднина во Македонија можете да прочитате повеќе во интервјуто со Др. Златко Муцински, директор на Порше Македонија.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот Civic Type R е побрз и од NSX

Часовник од Bulgari за стотиот роденден на Maserati