149
56 shares, 149 points

Во една третина од земјите ширум светот се вози по левата страна на патот, а воланот е од десната страна. Покрај Велика Британија, тоа важи и за Индија и Јапонија. Но, зошто тие возат од спротивната страна? И дали нивната страна е спротивната?

Ако се прашуваат Англичаните, воопшто не постои прашање околу тоа: Местото на воланот е на десната страна на возилото. Но, за поголемиот дел од светот е правилно кога воланот е одлево. Многумина се прашувале, дали освен очигледното, постојат и други разлики кај возилата.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Секако дека уште при развојот на одреден нов модел се земаат предвид различните детали. Покрај арматурната табла и местото на управувачкиот столб, постојат уште голем број делови со различна конструкција и изглед во предниот дел од возилото.

Освен во положбата на воланот и во арматурната табла, очигледни разлики постојат и во изведбата на педалите

Преправки се неопходни и во сервото за сопирачките, како и во педалите за спојката, за сопирачките и за гасот. Тоа се логични преправки, кога се има предвид конструкцијата на целата педала. Нормално, распоредот на педалите е истиот, односно лево е спојката, во средина е сопирачката, десно е гасот. Со преместувањето на овие компоненти е потребно да се извршат преправки и во каблите, хидрауликата и вакуумските водови. Од тие причини, постојат разлики и во деловите од каросеријата.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Различната положба на воланот е најмал проблем за модерните производствени процеси. Возилата со волан оддесно се произведуваат заедно со возилата кои имаат „нормален“ волан. Сепак постојат некои специфични алати, кои мора да се користат на монтажната линија за возилата за британскиот пазар, на пример.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Честопати постои заблуда околу шемата на менувачот. Тука нема разлики, односно првиот степен отсекогаш бил и ќе биде лево горе. Значајна разлика е насочувањето на светлосниот сноп на светлата. Без оваа преправка, возилата за сообраќај по левата лента би ги заслепувале возачите отспротива, во земјите со „десен“ сообраќај. Во денешните автомобили, кои поседуваат светла со приспособлив светлосен сноп, префрлувањето е наједноставно, преку опција во менито. Порано, на светлата мораше да се поставуваат посебни налепници, заради спречување на заслепувањето.

Зошто Британците возат по левата страна на патот?

Правилата во сообраќајот се неопходни денес, исто како штио биле и пред две илјади години. Научниците донеодамна дебатираа на темата, дали Римјаните, чијшто патишта во голем дел останале до денес, ја користеле десната или левата страна од патот. Секако дека не постојат сообраќајни знаци од тоа време, коишто би послужиле како неоспорен доказ, но е факт дека постоеле одредени правила при движењето.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Но, едно скорешно откритие ги отстрани сите неизвесности. Трагите во еден стар римски пат, кој води до каменолом од тоа време, докажаа дека Римјаните ја користеле левата страна на патот. Товарните кочии кои заминувале натежнати од натоварениот камен, оставиле подлабоки бразди на површината на камењата. Страната на патот, од којашто се наоѓаат овие бразди е левата. Англичаните имаат уште еден аргумент, кој говори дека нивната страна е правилна. Ова откритие потекнува од регионот на Свиндон.

Секој по своја (лева) страна, да не се судираат мечовите

Во Средниот век, движењето продолжило да се одвива по левата страна од патот. Богатите и моќните, кои тогаш можеле да си дозволат да патуваат и воопшто имале причина за тоа, го носеле мечот од левата страна. Во случај на прекршување на правилото, при разминување на двајца такви благородници би дошло до ненамерно вкрстување на мечовите. А, тоа е ситуација во којашто не важи извинување. Од слични причини, скалите во старите кули вoдат в десно, што им олеснувало на бранителите да ги одбијат напаѓачите, кои се качувале по скалите со мечот во десната рака.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во 18-от век, користењето на десната страна станало вообичаено во Франција и Русија, чијшто економски напредок бил заслужен за воведувањето кочии со четирикоњска запрега. Кочијашите повеќе не седеле во средина, туку лево, заради подобра контрола при замавнувањето со камшикот во десната рака. Тоа е почетокот на возењето по десната страна во Европа.

Наполеон е заслужен и за вкоренувањето на возењето по десната страна во речиси цела Европа

Во „наполеонската“ ера, Франција и териториите кои биле под владееење на големиот император, го прифатиле користењето на десната страна на патот, додека во другите земји останало старото правило. Следно поглавје е масовната моторизација во САД, што придонесува возењето од десната страна да го преземе приматот на глобално ниво. Во раните години, воланот кај американските автомобили исто така бил од десната страна.

Шведска е меѓу последните европски земји кои го прифатиле возењето од десната страна. Тоа се случило во 1967 година, буквално преку ноќ. Вечерта пред стапувањето на новиот закон, Швеѓаните едноставно ги оставиле автомобилите паркирани од левата страна, според старите правила, но во следното утро почнале да возат по десната страна од патот.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

149
56 shares, 149 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *