Доколку се патува до работа со автомобил, опасноста од прерана смрт се зголемува за 20 проценти, заклучува една британска студија. Покрај тоа, кај велосипедистите значително е намалена опасноста од срцеви заболувања.
Дури и на возачите што го користат автомобилот и за најмало растојание им е јасно дека е поздраво и подобро за нивната здравствена состојба, доколку возат велосипед и автомобилот го остават да мирува. Една студија од Велика Британија дава неоспорни докази за тоа. Таа се базира врз податоци што се бележени 25 години наназад.
Авторите на студијата ги следеле навиките при патување до работното место. Се покажа изненадувачки голема разлика во вредностите што укажуваат на прерана смрт и сериозни заболувања, во зависност од превозното средство што било користено. Станува збор за сериозна студија, сепак зад неа стојат Империјал Колеџ Лондон и Универзитетот Кембриџ. Оценети се податоци од 300.000 лица во периодот меѓу 1991 и 2016 година.
Возењето автомобил се покажало како „најнездрава“ навика, особено во споредба со возењето велосипед. Дури и користењето на јавен превоз е подобро за здравјето. Веројатноста за прерана смрт кај луѓето што користат велосипед до работа, пониска е за 20% во споредба со оние што патуваат со автомобил. При користење јавен превоз, опасноста е за 10 пониска во споредба со автомобилистите.
Шансата за срцеви заболувања кај велосипедистите е помала за 24% во споредба со корисниците на автомобил (јавен превоз 20%). Необично е тоа што и опасноста од канцер, кај велосипедистите била за 11 проценти помала.
Во врска со јавниот превоз, студијата претпоставува дека здравствената придобивка произлегува од пешачењето до автобуската или железничката постојка
Друга студија во Холандија, во 2015 година дојде до заклучок дека возењето велосипед спречува околу 6.500 смртни случаи на годишно ниво. Покрај тоа, очекуваниот животен век на жителите на Холандија се продолжува за шест месеци поради навиката за возење велосипед.
Објавувањето на британската студија предизвика бурни реакции на поздравување на идејата за популаризација на користењето велосипед, во време кога големите европски градови веќе почнаа да воведуваат темелни промени во сообраќајниот систем, поради пандемијата. Со цел да се избегнат турканиците во јавниот превоз, додека автомобилскиот сообраќај веќе подолго време се редуцира, повеќето европски градови се решаваат за проширување на велосипедската мрежа, па дури и преземање на дел од сообраќајните ленти за автомобилите.