132
18 shares, 132 points

Правилото на социјално дистанцирање или „подалеку од мене“, важи и за превозот. Најважниот совет е да се избегнува јавниот превоз, односно да се преземат заштитни мерки доколку тоа е неизбежно. Велосипедот е добра замена, но е корисен и во друг поглед.

Користењето велосипед може да биде добра заштитна мерка во кризата околу вирусот корона. Се избегнува користењето на јавниот превоз и се почитуваат основните начела на „социјалното дистанцирање“. Со тоа се намалува опасноста од инфицирање, бидејќи вирусот се пренесува главно преку ситни капки и на кусо растојание. Шансата за човек да се зарази при возење велосипед е речиси нула.

Студиите откриваат дека предизвикувачот на вирусот може да живее до девет денови на површините. Според тоа, допирањето на држачите во јавниот превоз е ризик само по себе. Користењето велосипед е добро за спречување на ширењето на вирусот и во случај кога самиот велосипедист е инфициран, и со тоа го избегнува контактот со средината.

Германски пневмолог, доктор Михаел Барчок, советува велосипедот да се користи како превенција и од друг аспект. Со редовното возење велосипед, дури и со умерено темпо, се смалува притисокот во крвотокот. Тоа е важно при проблеми со хипертензијата. Дијабетичарите исто така треба да се движат повеќе, советува пневмологот. Дијабетесот и срцевите заболувања се меѓу главните болести, кај коишто е повисок ризикот за тешки последици од Ковид-19.

Со возењето велосипед се зајакнуваат белите дробови

Возењето велосипед може да има позитивно влијание и кај здравите лица. Кај спортовите во издржливост, обично се зајакнува мускулатурата на белите дробови. Покрај тоа, при ритмичкото вртење на педалите, дробовите подобро се снабдуваат со воздух и се постигнува подобра циркулација на крвта. „Дишете поинтензивно, а тоа значи дека добро ги чистите своите бели дробови. Тоа е оптимално во поглед на заштитата од вирусот“, објаснува Барчок. „Токму поради тоа, возењето велосипед е најдобро превозно средство во ова време.“ Докторот секој ден патува со велосипед до своето работно место во Центарот за пневмологија во Улм.

Во својата секојдневна работа, Барчок прегледува голем број пациенти со хронично опструктивно заболување на белите дробови (COPD). Повеќето од нив се пушачи. Според германскиот пневмолог, тие се изложени на особено висок ризик од инфекција со вирусот корона. „Кога ќе се погледнат податоците од Кина, мажите што пушат и имаат COPD, се најчесто погодена група пациенти.“ Доколку се инфицираат со Sars-CoV-2 (тоа е воедно и оригиналното име, место Covid-19), смртноста кај овие пациенти изнесува 58 проценти. Таа, инаку, се движи меѓу еден и најмногу осум проценти.

Доктор Барчок ги советува пациентите со COPD да користат велосипед и да ја зголемат отпорноста на организмот против инфекциите. Останатите видови спорт, на пример џогинг, не се толку делотворни, затоа што се премногу напорни за овие лица.

Научна студија што ќе ја потврди зависноста меѓу возењето велосипед и намалувањето на последиците од вирусната инфекција, сепак не постои. Најголемата придобивка од возењето велосипед останува тоа што се избегнува контактот со средината.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

132
18 shares, 132 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *