за

Роден во Русија израснат во Луксембург: Електричен скутер Ujet

ujet e-scooter

Тоа што изгледа како концепт од иднината од салонските штандови е скутер со погон на струја кој наскоро стартува со продажба. Ujet е развиен во Русија, производството е во Луксембург. Изобилството од напредна технологија сепак има своја цена.

Иновациите во светот на две тркала обично не пристигаат од Русија или Луксембург, но токму овие земји го понудија веројатно најнапредниот скутер во историјата. Зад развојот на Ujet стои рускиот технички концерн Oscial, кој пред три години основаше компанија во Луксембург посебно за производство и продажба на електричниот скутер.

ujet e-scooter 2

Ujet има лесна конструкција, што се нагласува и со дизајнот. Највпечатливиот детал сепак се орбиталните тркала, со интегрирани сопирачки дискови и со една водилка. Материјалите се исклучиво карбон и алуминиум. Затоа и не изненадува тоа што тежината изнесува 43 килограми, барем во верзијата со помала батерија. Има уште една финта: Скутерот долг одвај повеќе од 1,5 метар има посебен механизам за склопување, со што се преполовува должината. На тој начин Ujet може да се понесе со себе до работното место или домот, или да се остави колку е можно поблиску до одредиштето. Потпрен на малечки држачи, скутерот стои исправено и стабилно.

Отстранливата батерија на Ujet може да се понесе со себе и да се користи за напојување електрични уреди

Електромоторот располага со 5,5 КС и 90 њунтметри. Тоа ветува пристојни перформанси и темперамент во возењето. Место има само за возачот, носивоста е ограничена на 120 килограми. Крајната брзина вообичаено се држи на 45 km/h.

ujet e-scooter 3

Батеријата се отстранува и со помош на малечки тркала може да се пренесе до најблиската приклучна кутија. Постојат две варијанти на батеријата, помала за досег до 70 километри и поголема за 150 километри. Како опција се нуди брз полнач, кој ја освежува помалата батерија за 1,5 час, односно двојно подолго во случај на поголемата батерија.

Секако дека не смеат да недостигаат можности за поврзување. На располагање стојат 3G сим-картичка, GPS, WiFi и блутут. За отклучување служи посебна мобилна апликација. Таа воедно се користи и за лоцирање на Ujet, за проверка на наполнетоста на батеријата или за вклучување на заштитата од кражба.

ujet e-scooter 4

Информациите за возењето се прикажуваат на голем дисплеј, вклучувајќи и податоци за навигација, музички стриминг и телефон, како и слика од предната камера со висока резолуција. Со дисплејот се ракува преку посебни копчиња на воланот.

https://www.facebook.com/ujeturbanpioneers/videos/138450893516703/

Сета оваа технологија чини близу 8.690 евра, за верзијата со помала батерија. За екстра енергија треба да се доплати уште 1.200 евра. Резервацијата чини 850 евра, испораките на европскиот пазар ќе стартуваат налето.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

streetscooter vo vozenje

Електричниот камионет на германската пошта се продава како луд

Toyota ЦЕС 2018 Лас Вегас

На автомобилџиите им се посреќи Лас Вегас