за

TT Sportback: Audi мора да го пушти овој автомобил во серија!

Купето со четири врати TT Sportback е третиот член во планираното семејство модели TT, покрај купето и родстерот, како матични модели, и купе-кросоверот TT offroad. Како што изгледа, Sportback уште утре би требало да се најде во продажен салон на Audi.

Купето TT штотуку почна да се продава, родстерот следи в година, а Audi веќе претставува нов концепт со когошто го испитува пулсот на публиката. TT Sportback во техничката основа можеби не е ништо друго освен Audi A3 Limousine со покрив на купе, но сепак постои огромна разлика, и тоа не само во изгледот. Исто како неговиот класичен брат, лимузинскиот A3, Sportback има складни пропорции на каросеријата и впечатливо испакнати крила со коишто купе-лимузината оддава впечаток како да е цврсто зариена во асфалтот. Големата маска е изведена со тридимензионална саќеста мустра, чиишто составни делови изгледаат како во секој момент да ќе излетаат од маската, додека во предните светла ѕиркаат ласерски светла, како последен крик во технологијата на осветлуавње на Audi.

audi tt sportback 0935654764Носот на Sportback е речиси идентичен со купето и родстерот TT. Разликите се во надворешните и внатрешните рачки на вратите. Капакот на багажникот е изработен од алуминиум. Тоа е воедно и суштината на спортскиот концепт на моделот. Тежината на TT Sportback, исто како кај стандардното купе е концентрирана во долниот дел од возилото, заради спуштање на тежиштето. Во горната половина се користи претежно алуминиум. Зафатнината на багажникот изнесува 350 литри, а по соборувањето на задните две седишта, под големиот заден капак се добива простор со зафатнина од 859 литри, за превоз на спортски реквизити или за погабаритен товар.

Меѓускиното растојание кај Sportback е подолго за 12 сантиметри во споредба со купето, што оди во корист на просторот за колена за патниците на задната клупа. Таму има две засебни седишта со цврсти контури за сигурно држење на телото во свијоци, со голем потпирач за рака меѓу седиштата. Со 4,47 метри, целата каросерија на Sportback е 29 сантиметри подолга од TT Coupe и воедно е шест сантиметри поширока. Тоа само дополнително ја нагласува спортската нота на купе-лимузината со четири врати – и желбата Audi да го пушти TT Sportback во сериско производство. Секако, вклучувајќи верзија RS со дволитарскиот TFSI со 400 КС од студијата, со погон quattro и седумстепен менувач со двојна спојка!

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Suzuki Vitara повторно ја предизвикува конкуренцијата

Мултимилијардерот Ворен Бафет влегува во автомобилскиот бизнис