за

Triumph вози назад во иднината со Thruxton и Thruxton R

Заедно со новиот Bonneville T120, британската марка Triumph ја пушта во пазарна трка и спортската верзија Thruxton. Таа се повикува на славните предци, но е посилна и побрза од кога било досега.

Triumph го користи моделското име Bonneville уште од 1959 година, во чест на рекордерското возење на соленото езеро Боневил во американската сојузна држава Јута. Во септември 1956 година, тексашанецот Џони Ален достигна сензационална брзина од 345,5 километри на час со ракета со аеродинамична форма, задвижувана од двоцилиндарски линиски мотор на Triumph. Секако дека моторот имаше претрпено силни модификации и меѓу другото користеше метанол како погонско гориво. Рекордот остана цели 14 години.

Новиот Thruxton R покрај славниот претходник Thruxton 500
Новиот Thruxton R покрај славниот претходник Thruxton 500

Тркачките успеси на Bonneville од 1959 година го инспирираа развојот на кафе-рејсерот кој го понесе името Thruxton, според истоимената маратонска трка во должина од над 500 милји. Новиот Thruxton се повикува токму на славната историја на првата генерација на моделот, кој доминираше на оваа тркачка серија и за првпат постави просечна брзина од над 160 km/h на островот Ман. Како основа за Thruxton служи платформата на новиот Bonneville. Од моделот е изработена и специјална верзија Thruxton R, со најквалитетни пружини и амортизери, како и сопирачки Brembo.

Новиот линиски двоцилиндарец со 1.200 сантиметри кубни од Bonneville претрпе неколку промени во Thruxton, со цел за зголемување на моќноста и вртежниот момент. Triumph уште не открива колку коњски сили има моторот, но затоа е познат вртежниот момент, кој изнесува 112 њутнметри при 4.970 вртежи. Може да се препостави дека се користи брегасто вратило со значително поостри брегови, со кое што и силината се зголемува на околу 100 КС.

Само врвни компоненти за водењето на тркалата и за сопирачките на Thruxton и Thruxton R

Исто како кај Bonneville, ‘рбетот на Thruxton го сочинува челична рамка со двојни споеви. За водењето на тркалата кај верзијата R се задолжени врвни пружини и амотизери. Напред се монтирани два „пливачки“ дискови од Brembo, додека прецизното сопирање е работа на радијално поставени моноблокови од Brembo и главен сопирачки цилиндар од италијанскиот специјалист. Предното тркало го води вилушка „со големи клипови“ од Showa, а задното тркало се држи под контрола со осцилирачка вилушка Ohlins, во обата случаи со целосна можност за дотерување.

triumph thruxton 0487178Во електрониката исто така има дополнителни елементи наспроти Bonneville. Покрај модусите за возење на пат и по дожд, дополнително има и спортска програма, во којашто се обезбедува подиректна реакција на моторот. Контролата на тракција може да се исклучи. Патниот компјутер нуди изобилство информации, со прикажување на степенот на пренос, досегот и потрошувачката на гориво. Сите наредби можат да се извршат директно од воланот.

Положбата на возачот е поспортска во споредба со Bonneville. Воланот е поставен пониско, а потпирачите за стопалата се поставени повисоко и поназад. Најголемата разлика во изгледот е во изведувањето на кокпитот со стилска облога во традиционалниот стил на кафе-рејсерите.

Задната осцилирачка вилушка е изведена од алуминиум место од челик

Двата модела Thruxton се препознатливи и по подолгиот резервоар, со преклоплив чеп во монца-стил. Обата ретровизора на краевите на воланот укажуваат јасно дека станува збор за спортски мотоцикл. За тоа говори и фактот што задната осцилирачка вилушка не е изведена од челик, туку од алуминиум. Таа е елоксирана кај верзијата R, на што се надоврзуваат алуминиумски држач на резервоарот и полиран горен мост на вилушката.

Triumph Thruxton се испорачува во три бои. Освен стандардната џет-црна боја, на располагање е бела варијанта со црна лента на резервоарот и зелена со лента во металик лак. Верзијата R стандардно е достапна во црвена и сребрена боја. За внесување личен печат може да се избира во понудата од над 160 ставки од дополнителниот прибор. Продажбата стартува напролет, а премиерата на обата модела ќе се одржи на салонот во Милано, кој почнува на 19-ти ноември.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Седум милиони посетители во музејот на Mercedes во Штутгарт

Range Rover и Bentayga чувајте се: Доаѓа теренецот од S-Class