за

Лебдечка зебра ги штити пешаците од залетани возачи

тридимензионален пешачки премин

Градовите низ светот испробуваат нов трик што треба да им го привлече вниманието на возачите и да ги натера за подзапрат пред пешачки премин. Со неколку бои плус и со примена на геометриски правила, зебрата добива трета димензија. Наши инженери сепак имаат подобро решение.

Запирањето пред пешачки премин и натаму е несовладана вештина за широк круг возачи. Во сообраќајната хиерархија, автомобилот е на највисокото скалило и неговиот возач нема потреба да запира пред било што на патот. Таков впечаток се добива кога пешак има намера да мине преку улица и мора да исчека прво сите автомобили да одминат. Тогаш почнува вистинската драма. Откако ќе згазне на улица, човек мора буквално да истрча до другиот крај, за случајно да не им го попречи патот на возачите.

За улиците да не прераснуваат во гладијаторска арена, повеќе градови низ светот во последнава половина година почнаа да применуваат едноставен, но делотворен трик. Станува збор за тридимензионален пешачки премин, за зебра што создава впечаток како да лебди над улицата. Бидејќи оддалеку изгледа како пречка на патот, возачите подзапираат, пешаците можат спокојно да преминат улица.

Но, не постои гаранција дека зебрата со тридимензионален ефект ќе го привлече вниманието на возачите и со тоа ќе придонесе за подобрување на безбедноста. Проблем е тоа што визуелниот ефект се постигнува само во една насока на улицата. Втор проблем е тоа што ефектот се губи навечер и при секој дожд.

https://twitter.com/franfriel/status/923616277297471494

Кој пробал, знае. По тој принцип се водат градските управи и го применуваат трикот. Тридимензионалната варијанта на прешачки премин се црта брзо и едноставно – доколку се познаваат неколку геометриски правила – не е скапа и може во секое време да се пребои.

Многу поделотворно и посериозно решение пристигна од група македонски инженери пред неколку месеци. Системот е наречен Smartbump, односно станува збор за интелигентен лежечки полицаец. Можно е овие интелигентни регулатори на брзината на движење наскоро да ги видиме во поголем број по нашите улици.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

загадување воздух непал

Непал забранува автомобили постари од 20 години

Фирми во Британија ги заменуваат дизелите во возните паркови