за

Со погон 4х4, гени од рели и 272 КС: Toyota Yaris GR, што направи од себе?

Toyota Yaris GR
Toyota Yaris GR

Одделението за мотоспорт преку Toyota Yaris GR го враќа духот на Celica GT-Four од пред дваесетина години, во помало пакување, но со сета лутина: Покрив од карбон, врати од алуминиум, задна оска од Corolla, плус двојни триаголни водилки како тркачка класика.

Шефот Акио Тојода вети дека ќе ги врати емоциите во Toyota. Лани се случи новата Corolla да биде еден од моделите што бележеше најголем раст во продажбата на европскиот пазар. Тоа се должеше токму на емоциите, кои им се важни на европските возачки и возачи. Истото се случуваше и со останатите модели, сите базирани врз принципот TNGA. Тоа е збир од начела што уживаат приоритет при развојот на нови модели, а го имаат за цел токму тоа, да ги разбудат емоциите во новите модели на Toyota.

Најновиот модел врз оваа „платформа“ е Yaris, којшто го се очекува на нашиот пазар некаде во средина на летото. Пред почетокот на салонот во Токио (од 10-ти до 12-ти јануари), на сцената проструија многу гласини околу новата спортска изведба, наследничка на Yaris GRMN. Но, кој да очекуваше толку многу?

New photo by Automedia MK / Google Photos

Новиот Yaris GR е како M3 во класата на градските автомобили, како A 45 AMG или RS4 во друштво на Corsa и компанија. Тоа е вториот модел што е развиен во одделението за мотоспорт Toyota Gazoo Racing, по GR Supra. Моделот пристига веќе во втората половина на годинава, сосем јасно, само на најголемите пазари. Малечкото луто ќе се произведува на новата специјализирана линија за GR-модели во фабриката Мотомачи, истата фабрика што го произведуваше и полумилионскиот Lexus LFA.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Техниката во Yaris GR е конструирана по пример на Yaris WRC, и генерално, со примена на сето искуство што Toyota го има стекнато во сите форми на мотоспорт, од Supra за GT-шампионатите, до тркачките прототипи за 24 часа Леман. Платформата и моторот се комплетно нови, исто како и водењето на тркалата, аеродинамиката и постојаниот погон на сите тркала GR-Four. Неговите возачи ќе имаат автомобил за секој ден до работа и за викенд на тркачка патека.

GR Supra ја развивме на тркачките патеки, додека новиот GR Yaris е резултат од нашето учество во рели – и автомобил што го чекаа голем број наши фанови

Шигеки Томојама, претседател на Gazoo Racing

GR Yaris е првиот вистински автомобил со погон на сите тркала на Toyota и прв хомологациски модели за светското рели по завршетокот со производството на Celica GT-FOUR во 1999 година. Тој е основа врз којашто ќе се изведува тркачката верзија на новиот Yaris WRC. По враќањето на Toyota во светското првенство пред три години, во 2018 тимот победи во конкуренција на производители, додека во ланската сезона го имаше победничкиот возач.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Покривот е спуштен за 91 милиметри во споредба со новиот Yaris, а новиот 1,6-литарец со турбонатполнење е поместен повеќе кон средината на возилото. За оптимална распределба на тежината, акумулаторот е преместен назад. Со ваквиот баланс се извлекува максимум во поглед на управливоста и стабилноста.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Покривот е изработен од карбон-полимер, додека вратите, хаубата и задниот капак се од алуминиум, со цел да се постигне колку е можно пониска тежина, конретно 1.280 kg. Од тоа произлегува тежински сооднос од 4,9 kg по КС. Платформата овозможува изведување широка трага на тркалата. Задните тркала имаат триаголни водилки.

Малечково има голем настап: Стакла во вратите без рамка, маска и спојлери во препознатлив стил на GR, бандажи од 18 инчи под развлечените крила

Срцето на Toyota Yaris GR е нов 1,6-литарски турбо со три цилиндри, со моќност од 272 КС и вртежен момент од 370 Nm. За високата специфична моќност се грижи технологија од типот на ладење на дното на клиповите со прскање масло, „предимензионирани“ издувни вентили и делумно полирани вшмукувачки канали. Предноста од трите цилиндри се огледува во ниската тежина и малите димензии. Моторот користи единечен турбополнач со топчести лежишта, во комбинација со шестстепен мануелен менувач.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Врвниот спортист во мало пакување спринтува од место до темпо сто за 5,5 секунди, крајната брзина е ограничена електронски на 230 km/h

Новиот погон на сите тркала GR-Four е душата на екстремниот Yaris. Компонентите му се лесни, конструкцијата му е едноставна, флексибилноста е врвна. Вртежниот момент теоретски може да се пренесе целосно на предната или задната оска. Со можност за заклучување на средишниот диференцијал (50:50) и опционално со торсен-диференцијали напред и назад, Yaris GR е флексибилен во дистрибуцијата на њутнметрите меѓу двете оски, но и меѓу две тркала на иста оска.

New photo by Automedia MK / Google Photos

При обично возење, распределбата меѓу оските е 60:40, во спортски модус, таа се менува со нагласок на задната оска 30:70, додека во тркачки модус со сооднос 50:50 може да се извозат и „специјалци“ на рели. Независно од основното местење, вртежниот момент во секој одделен модус е распределува автоматски, во зависност од ситуацијата во возењето или од условите на патот.

Предна оска од новиот Yaris, задна оска од Corolla

Платформата е комплетно различна, со предна оска од новиот Yaris (платформа GA-B) и задна оска од Corolla и C-HR (GA-C). Како вистинско заокружување на секој добар тркачки автомобил, сопирачките дискови напред имаат пречник од 365 милиметри, со четириклипни сопирачки клешти.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Со доплата се испорачува тркачки пакет, со спомнатите торсен-диференцијали, уште покруто подвозје и ковани бандажи од 18 инчи со гуми Michelin Pilot Sport 4s со димензија 225/40 R18.

Како на почеток на секој „голем“ модел, така и Toyota Yaris GR е достапен прво во специјална воведна сериоја, којашто ќе се изработува само по нарачка, по цена од 3,96 милиони јени во Јапонија, односно околу 32.500 евра. За изведбата со тркачки пакет, цената изнесува 4,56 милиони јени, односно 37.500 евра.

Прелиминарни технички податоци ·  Toyota Yaris GR

Специјална серија RZ High-performance First Edition

New photo by Automedia MK / Google Photos

Должина x Ширина x Висина (mm)

3,995 x 1,805 x 1,460

Меѓуоскино растојание (mm)

2,558

Тежина (kg)

1,280

Седишта

4

Мотор

3 во линија, DOHC, турбо, директно впрскување

Тип

G16E-GTS

Зафатнина (cc)

1,618

Моќност kW [КС]

200 [272]

Вртежен момент (Nm [kgfm])

370 [37.7]

Пренос

iMT (6-степен мануелен менувач)

Погон

4WD

Диференци-јали

“GR-FOUR” спортски систем 4WD
Torsen® диференцијал со блокада x 2 (напред, назад) + електронски контролиран средишен диференцијал со повеќе ламели / Избор на режим 4WD (NORMAL / SPORT / TRACK)

Водење на тркала

[Напред / назад]

Мекферсон / Двојни триаголни водилки

Сопирачки

[Напред / назад]

Вентилиран диск / Вентилиран диск

Гуми

[Напред / назад]

225/40ZR18 / 225/40ZR18

Какво е Вашето мислење

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Коментари

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вчитувам

0
bosch виртуелен штитник за сонце 1

Штитниците за сонце стануваат дигитални и проѕирни

euconcap најбеѕбедни автомобили 2019

Најбезбедни автомобили на краш-тестовите на Euro NCAP