161
21 shares, 161 points

Погонскиот систем со горивни ќелии од втората генерација на Toyota Mirai ќе биде добар и за вградување во камиони. Со водород во резервоарите, камионот на Hino постигнува досег од 600 километри. Батеријата тука служи само како резерва.

Корпорацијата Toyota Motor разви камион со водороден погон. Во соработка со специјалистот за товарни возила Hino Motors, кој е дел од Toyota, создаден е камион од тешка категорија, што со едно полнење на резервоарите со водород минува околу 600 километри, а притоа не испушта ниту грам СО2. Како техничка основа е искористена погонската единица на Toyota Mirai.

Воведувањето на електричниот погон е од особена важност во тешкиот патен транспорт. Само тешките камиони учествуваат со 60 проценти во вкупната емисија на СО2 од товарните возила во Јапонија. Предизвикот кај камионите е да се постигне рамнотежа меѓу економичноста, одржливоста и практичноста. Камионите што обично се користат за транспорт на долги релации, мораат да постигнуваат доволно долг досег и да поседуваат висок транспортен капацитет. Од друга страна, тие не можат предолго да мируваат додека се наполни батеријата. Тоа е причината зошто Toyota и Hino се залагаат за погон со горивни ќелии и за водород како погонско гориво.

Автомобилите со погон на водород исто така се електрични автомобили, со главна разлика во тоа што компактни резервоари со водород заменуваат голема и тешка батерија

Ворододниот камион е конструиран врз основа на Hino Profia. Шасијата е приспособена посебно за примената во возило со погон на водород. Со смалената тежина се постигнува поголема носивост. Двата блока од горивни ќелии се од новиот тип што ќе се вградува во следната генерација на Toyota Mirai. При хемиска реакција на водородот во горивната ќелија се создава електричен напон, со когошто се напојува погонскиот електромотор.

Единствената емисија на возилото е водена пареа. Полнењето на резервоарот трае само неколку минути, односно исто колку автомобил што користи обично гориво. Toyota и Hino ги започнаа истражувањата околу технологијата на горивни ќелии пред 15 години и се залагаат за водородот, како важен енергетски извор на иднината. Уште во 2003 година, двете компании заеднички конструираа автобус со погон со горивни ќелии и извршија обемно тестирање.

Соработката меѓу Toyota и Hino ќе продолжи да зајакнува и во следните години, со цел да се забрза масовното воведување на водородот како погонско гориво.

Основни технички податоци

Основен модел · Hino Profia FR1 AWHG

Должина / Ширина / Висина · 11.990 / 2.490 / 3.780 mm

Вкупна тежина · 25 тони

Блок од горивни ќелии · Toyota FC Stack (полимер-електролиза горивна ќелија)

Мотор · AC синхронен мотор

Резервоар за водород под висок притисок · Нова конструкција (70 MPa)

Батерија · Литиум-јон батерија (како резерва)

Досег (теоретски) · Околу 600 километри


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

161
21 shares, 161 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *