154
20 shares, 154 points

Вака историјата ќе ја раскажува приказната за настанокот на Supra: Шефот Акио Тојода е пасиониран тркач, а омилена патека му е Нордшлајфе на Нирбургринг. Во 2011 година, тој извозел неколку кругови по легендарната патека, заедно со тогашниот шеф на BMW, Норберт Рајтхофер. По завршувањето на адреналинската тура по „Зелениот пекол“, автомобилските шефови најавија дека заеднички ќе развиваат спортски автомобил. Одделенијата за маркетинг на двете куќи не можеле да се изначудат. Од тоа произлезе Z4, како продолжение на низата родстери на BMW, додека Toyota ја доби Supra, како продолжение на славната серија на спортското купе со ова име.

Постои суштинска разлика во главната замисла кај двата модела. Додека баварците го создадоа Z4 за комотно крстосување при убаво време, Јапонците работеа на тоа да ја изведат Supra како чистокрвен тркач. Тие се повикаа и на историјата, уште пред Supra. Во 1967 година, Toyota го произведе својот прв суперспортски автомобил 2000 GT. Легендата е изработена во само 351 примероци, кои денес вредат и по еден милион долари. Под бесконечната хауба на двоседот во стил на италијански суперспортист работеше своевремено најмоќниот линиски шестцилиндарец во светот, со 150 КС. Светот уште го помни овој автомобил од бондовскиот филм „Се живее само двапати“, нормално со Шон Конери во главната улога.

Под хаубата на петтата генерација на Toyota GR Supra – кратенката потекнува од одделението за мотоспорт Gazoo Racing – работи трилитарец со шест цилиндри во линија, со 340 КС. Со овој концепциски совршен мотор, во поглед на култивираноста во работата, оди осумстепен автоматик од ZF. Главното сепак е во конфигурацијата на погонската спрега: Погон назад, мотор напред, два седишта во средина и совршен баланс 50:50.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Спортското купе на Toyota се произведува заедно со Z4 кај познатиот специјалист за мали серии Magna во Грац. Ниското тежиште, вешто дотераното подвозје со хидраулични лежишта на предните амортизери и активен диференцијал на задната оска го комплетираат совршениот пакет за возачко уживање и врвна динамика.

Toyota GR Supra со 340 битурбо КС спринтува до сто за 4,3 секунди

Битурбото ги постигнува крајните 500 њутнметри уште при 1.600 вртежи и се грижи за желбите на возачот да бидат исполнети во секое време и секаква форма. Спринтот до сто трае 4,3 секунди, меѓутоа вистинската способност на GR Supra се покажува на кривуилест пат, или најдобро, на тркачка патека. Нормалниот модус се грижи тркачот со своите 1.750 килограми да се движи комфорно и лесно, кога тоа е потребно, но затао постои и спортски модус, кога брзата Toyota не пропушта да покаже сé што може и умее. Во тој случај не отсуствува помодарското, но вештачко „пукање“ од издувот при префрлување во понизок степен.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Ретко постои каросериска форма што може да се опише толку лесно: Мускулеста форма на купе, со долга хауба и кабина поместена назад, заедно со големи отвори за воздух, проширени крила, отвори отстрана, две дебели издувни цевки и заден спојлер што изгледа како да е израснат од каросеријата.

Сличноста со баварскиот родстер се покажува во рачката на автоматикот, во копчињата и во прекинувачите, како и во дисплејот од 8,8 инчи, заедно со контролерот i-Drive. Голема разлика има во седиштата, кои се нагласено спортски во Toyota, а воедно има и повеќе простор во кабината, меѓу другото и поради тоа што не морало да се предвидува простор за склопување на покривот, како во Z4. Багажникот со своите 295 литри е поголем отколку во BMW, иако возачите веројатно ќе го откријат неговото постоење дури откако ќе пристигнат дома со новиот автомобил.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Автомобилот има само еден, голем проблем. Поточно, „мал“ проблем. Контингентот од Toyota GR Supra што беше планиран за годинава е распродаден уште одамна, иако првите испораки стартуваа дури месецов.

На најголемиот пазар во Европа, во Германија, веќе е исцрпен континентот од 300 примероци од Toyota GT Supra за оваа година, и покрај цената од 62.900 евра. Турканицата штотуку почнува. Кој ќе ја нарача брзата Toyota сега, испораката ќе следи дури во следната пролет.

Технички податоци · Toyota GR Supra

New photo by Automedia MK / Google Photos
  • Должина x Ширина x Висина (m): 4,38 x 1,85 x 1,29
  • Меѓуоскино растојание (m): 2,47
  • Мотор: R6, бензинец, 2998 ccm, директно впрскување, битурбо
  • Моќност 250 kW (340 КС) при 5000–6500/min
  • Вртежен момент: 500 Nm при 1600–4500/min
  • Крајна брзина: 250 km/h (ограничено)
  • 0 auf 100 km/h: 4,3 s
  • Просечна потрошувачка (NEDC): 7,5 L
  • Емисија на CO2: 170 g/km (Euro 6d-Temp)
  • Празно возило / Носивост: min. 1570 kg / max. 245 kg
  • Круг на вртење: 10,4 m
  • Багажник: 290 L
  • Резервоар: 52 L
  • Гуми: 255/35 ZR 19 (напред), 275/35 ZR19 (назад)
  • Цена на основен модел во Германија: 62.900 евра

…уште неколку кадри со легендарната Toyota 2000 GT

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

… и неколку „откритија“ на инстаграм:


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

154
20 shares, 154 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *