Долгата пауза не смени ништо во концептот што ветува спортско купе со сите нишани: Напред линиски шестцилиндарец со турбонатполнење и 340 КС, погон назад, долга хауба и кус опаш.
Петтата генерација на јапонскиот спортски автомобил пристига по пауза од дури 17 години. Култниот модел го достигна врвот на популарноста на светската сцена дури со појавувањето во филмскиот серијал „Брзи и бесни“, како и во видеоигрите од типот на Гран Туризмо.
Принципот остана истиот, а тоа значи линиски шестцилиндарец со турбонатполнење, погон назад, во комбинација со каросерија со долг нос и кус опаш. Supra пристига како резултат од соработката меѓу Toyota и BMW, односно таа користи заедничка платформа со родстерот BMW Z4. Тоа се однесува и на линискиот шестцилиндарец, како традиционална специјалност на баварците.
Дизајнот на новата Toyota Supra умешно ја прикрива сродноста со германскот родстер и ја следи линијата на студискиот автомобил FT-1, прикажан пред пет години на салонот во Детроит. Формата е слична, но во поглед на димензиите, сериското купе е драстично смалено во споредба со студијата.
Должината изнесува 4,38 метри, каросеријата во ширина мери 1,85 метар, додека висината изнесува 1,29 метар. Во соодносот на кусото меѓуоскино растојание од 2,47 метри и широката трага на тркалата на предната и на задната оска – 1,595 метар напред и 1,589 метар назад – се насетува подвозје што ветува врвна управливост и екстремни вредности на странично забрзување.
Многу детали во дизајнот се инспирација од мотоспортот, вклучувајќи го и носот кој е зашилен како кај формула 1 болид
Впечатлив е изгледот на светлата, исто како и масивните заоблувања на каросеријата и моќно издадените крила. Посебен детал што потекнува од мотоспортот се двата „меури“ во покривот, кои првпат се применети на тркачките патеки, заради обезбедување дополнителен простор за шлемот на возачот.
Назад доминира големиот спојлер којшто е извлечен од капакот на багажникот, а тука уште повеќе се забележува издаденоста на крилата. Целината ја дополнуваат отворите за воздух во крилата и масивниот дифузор, со вградена магленка и светло за рикверц, како детал што исто така потекнува од мотоспортот.
Во внатрешноста практично само логото е на Toyota, сето останато е BMW
Toyota веќе прима нарачки за новиот модел, а околу стартот на испораките може да биде многу неизвесно. Производството во фабриката на Magna во Австрија ќе стартува во март, а за европскиот пазар се наменети само 900 возила. Од овој мошне ограничен контингент, дури една третина е резервирана само за германскиот пазар. Факторот цена и тоа како влијае во овој случај. Toyota Supra чини околу 62.500 евра во основната изведба.
Во кабината сé е посветено на спортското возење, што се покажува и со посебните облоги за колената на возачот и совозачот во средишниот гребен и во вратите. Кој извозел неколку кругови на тркачка патека, добро знае колку значат овие детали, за спречување на болката од нагмечување кај колената. Во воланот и во распоредот на прекинувачите се препознава дека купето ја дели техниката со германскиот родстер. Тоа се забележува уште повеќе во изгледот и графиката на средишниот дисплеј од 8,8 инчи, како и на дисплејот пред возачот, со истиот дијаметар. Секако дека не отсуствува и препознатливиот ротациски контролер iDrive од BMW.
Тежиштето кај новата Toyota Supra е пониско отколку кај GT86
Supra доаѓа со веќе вообичаениот избор од програми за работата на подвозјето и погонската спрега, со нормален и со спортски модус, кој меѓу другото ги опфаќа реакцијата на моторот и тврдоста на активните амортизери. Распоредот на тежината меѓу двете оски е во совршен сооднос 50:50, а вреден податок е и тоа што тежиштето е пониско отколку кај GT86. Во техничкиот арсенал спаѓа и активна блокада на диференцијалот на задната оска.
Во чест на големото враќање на Supra на сцената, Toyota нуди и специјална воведна серија A90 Edition, ограничена на 90 примероци, со мат сива боја на каросеријата, мат црни бандажи и црвена кожа во кабината.
Во почетокот, Toyota Supra е достапна само со еден мотор и менувач. Станува збор за познатиот линиски шестцилиндарец од BMW со зафатнина од три литри и твин-турбонатполнење. Моќноста е непроменета, што значи 340 КС и вртежен момент од 500 њутнметри. Осумстепениот автоматски менувач исто така потекнува од BMW, односно од специјалистот ZF. За перформансите, Јапонците засега откриваат минимум податоци: Спринт до темпо сто за 4,3 секунди и крајна брзина ограничена на 250 километри на час.
Supra пристига во делот од пазарот кадешто со години наназад доминира Ford Mustang
Први конкуренти се Ford Mustang и Jaguar F-Type, но и Porsche 718 Cayman. Едниот од нив има титула на најпродавано спортско купе и со петлитарски V8 со 450 КС е поевтин за најмалку 10.000 евра од Supra. И пристига дури од САД. Улогите во меѓувреме се смениле во овие 17 години отсуство на Toyota Supra од пазарот. Сцената очекува новиот модел да го продолжи култот.
Toyota повикува во сервис 2,43 милиони хибридни автомобили
Toyota Corolla во комби изведба за салонот во Париз
Традицијата победува: Toyota Auris повторно е Toyota Corolla
0 Comments