за

По највисоките македонски планини со Toyota RAV4: Кораб (1. дел)

Toyota RAV4 Hybrid Korab0
Toyota RAV4 Hybrid Korab

По историскиот 800-километарски круг низ Македонија со 30 литри гориво со Toyota Corolla и по нагледната тура до акумулациските езера, имаме нова задача за хибридниот погон. Како ќе се покаже штедливиот и паметен погон по нашите највисоки, најсурови и пак најубави планински масиви?

Во време кога сите зборуваат за електричниот погон, за автопилотирано возење и за пристап до најразлични услуги додека се патува, Toyota сосем комотно ни сервира уште една потврда за нејзиниот хибриден погон. Излегува дека никогаш досега тој не бил поактуелен и дека изборот на автомобил со погон со две срца не се наметнувал поприродно. Зошто е тоа така? Во отсуство на масивни субвенции што би направиле електричниот погон да биде попристапен за барем малку поширок круг македонски возачки и возачи (исто и компании), а што е уште поважно, во отсуство на перспектива дека нешто би можело да се смени во тој поглед во видно време, за возењето на струја моментно може само да се зборува.

Има уште една причина, зошто ова е време на хибридниот погон – тука и сега. За тоа дополнително придонесува фактот што индустријата веќе го напушта дизелот, кој продолжува да работи единствено во тешките лимузини и СУВ-крстосувачите. Сите останати варијанти на електрификација на погонската спрега, пак се сведуваат на „основоположничкиот“ хибриден погон. Благ хибриден погон, стартер-генератор, 48-волтна мрежа, плагин хибриден погон – сé е само варијанта на идејата што Toyota ја реализираше пред повеќе од 20 години со Prius, првиот големосериски автомобил со полн хибриден погон. Чисто електричниот погон е само крајниот стадиум на тоа што Toyota го започна.

Хибридната Toyota RAV4 ќе ја возиме по трите највисоки планини во Македонија, секое искачување ќе биде во знак на одредени достигнувања на јапонската марка

Можеби е потребно да му оддадеме чест на овој погон. На пример, со искачување на највисоките планини во Македонија. Така и ќе биде. Исто како што сите убави работи во светот секогаш се три на број, така и ние ќе се искачиме на трите највисоки планини во Македонија: Кораб со врв Голем Кораб и висина 2.753 метри, потоа Шар Планина со Титов Врв висок 2.747 метри и Баба со врвот Пелистер, со неговите 2.601 метри. Нашите возења по овие планини ќе бидат до каде што води патот, без влегување во екстремни услови.

Луѓето некогаш имаат желба да се искачат на планина, на високо, затоа што по остварувањето на тој потфат следи единственото чувство на достигнување, на исполнетост. Искачувањето на секоја од овие три планини со RAV4 ќе го поврземе со одредено достигнување на Toyota. Бидејќи маркава има достигнато многу, нема да биде по едно, туку по две достигнувања. Искачувањето на Кораб, ќе биде во знакот на иновирањето и издржливоста на јапонската марка.

На помалку од два километри по комплексот Трница се скршнува десно, по мостот од кој што почнува Ничпурскиот пат. Старите патокази се отстранети, единствен ориентир е таблата за манастир Св. Петка и село Бродец

Највисоко што може да се стигне со автомобил на Кораб е од страната на Маврови Анови, по патот за Дебар. Откако ќе се мине комплексот Трница, по околу два километри ќе се здогледа мал мост од десната страна. Тука почнува патот што води покрај селото Ничпур, па соодветно и името му е Ничпурски Пат. Веднаш по мостот следи ширинка и тоа е воедно првото место што заслужува куса починка. Тука Мавровска Река се влева во Радика. Таблата на којашто беа наведени сите места по патот е отстранета и останати се само два контејнери под празните држачи. Но, тоа не треба да буни, патот е тој. За ориентација, на самиот мост е поставена мала табла што наведува дека патот води до манастирот Св. Петка и до селото Бродец. Веќе стотина метри подолу може убаво да се пристапи до Радика и да се почувствува тоа што ќе следи угоре, по еден од највпечатливите кањони во Македонија.

RAV4 брзо се покажува како цврст орев, возењето по добро одржуваниот макадамски пат за него е лесна вежба

Надморската висина тука изнесува околу 1.100 метри. Реката, по патот ќе се минува уште неколку пати, при што е сосем извесно дека по секој следен мост ќе се запира да се ужива во глетката и истата да се овековечи. Претходниот асфалтен пат тука го има заменето широк и релативно рамен макадамски пат. По овој пат минуваат и обични автомобили, чиешто одредиште е многу подалеку отколку што може да се претпостави. RAV4 се „покажува“ веднаш. Каросеријата е исклучително крута и ниту на момент не се слуша гмечење на деловите во кабината, што би произлегло од евентуално свивање на металната школка. Според инженерите, отпорноста на свивање е зголемена за 57% во споредба со претходникот.

Тоа е глетката поради која што неколку илјади странски туристи пристигаат секоја летна сезона да го посетат кањонот на Радика. Годинава нема туристи, има пандемија. Тука нема простор за сомневање дека станува збор за планинска река, на оваа точка е на висина од околу 1.100 метри

Следното позитивно што се забележува е отсуството на какви било звуци од камчиња што повремено удираат во подот. Тоа е на еден начин придобивка од беспрекорната изолација на секоја Toyota. Јапонците веќе подолго време го имаат „проблемот“ што мораат дополнително да вложуваат и труд и материјали во изолација и во конструкциски решенија, затоа што хибридниот погон работи безшумно или барем тивко, и не може да ги потисне звуците од подвозјето, како што е случај кај обичен бензинец или дизел.

Истото важи и за подвозјето. Нема тропање, нема тресење, а нема шанса ниту да се слушне „одзвонување“ кога некој камен долу ќе се покаже повеќе издигнат отколку што се очекувало. RAV4 е конструиран како што може и треба да биде СУВ во својата петта генерација и по близу четвртина век од пра-моделот, во време кога повеќето марки одвај вторпат зачекоруваат во овој сегмент.

Крутоста на каросеријата и подвозјето коешто не е прекумерно тврдо, затоа што тежиштето на автомобилот е исклучително ниско, прават RAV4 да биде возило што ќе може редовно да се користи за вакви излети

Штитниците на праговите се дел од приборот што го нуди Toyota за RAV4, па и тие очигледно се конструирани со истата педантност како целото возило. Погонот на сите тркала уште останува непредизвикан, во овие неколку километри како што навлегуваме во планината, СУВ-бестселерот е во предимство наспроти патничките лимузини само со големиот клиренс од 190 милиметри. Тоа се 15 милиметри повеќе отколку кај претходникот и се добиени со вградување на поголеми тркала.

Природата создала возбудлив „трилер“, на моменти се вози во питома долина, за веднаш потоа буквално да се навлезе во карпа

Природата импресионира одново, постојано се менува крајоликот. На моменти се движиме по пат што е пробиен низ карпа и води десетина метри над Радика, која низ годините и вековите постојано си поигрува со камењата по своето течение, па потоа додава флора што е специфична за кањонот, а всушност сето време кажува дека ова не е питома планина, со сé што ѝ припаѓа. На моменти, пак, се доаѓа до широка, бујна и мирисна ливада, каде што многумина ќе почнат да се двоумат, дали воопшто да се продолжува натаму. На неколку места уживателски се изведува излет во природа, без масовно напикани коли по шумата, без гласна музика и без расфрлан отпад околу, што е вообичаено на секое друго место. Ова како да е некоја друга временска зона, очигледно уште може да се ужива во природата, а тоа да не се сведе на изживување и дивеење.

Самото возење до караулата Победа трае помалку од еден час, но единствениот крајолик постојано мами да се запре и да се почувствува енергијата на Кораб 

По помалку од километри пат се доаѓа до полициската станица, каде што службениците уредно ќе земат податоци, затоа што Кораб е сепак планиниште и не може секогаш да се предвиди тоа што нејзината освојувачка дивост има намера да го приреди. Патем, границата е многу блиску. Во најдобар случај, без запирање, до станицата се пристига за половина час. Тоа е само теоретски, затоа што до таму ќе се запре најмалку на дваесетина места. Како што ни откриваат луѓево, во текот на летната сезона, во овие краишта пристигаат по две или три илјади туристи, од Холандија, Германија и од целата наша туристичка класика. Но, владее пандемија. Странските туристи отсуствуваат, а домашните се вообичаено заседнати во комплексот Трница. За овие наши неколку часови по горното течение на Радика, одвај се разминавме со два автомобили. По кусо разгледување и распрашување околу RAV4, со покажување солидни познавања околу марката, полицајците ни го дозволуваат патот понатаму.

Нашето одредиште е Стрезимир. Местото им е особено значајно на планинарите, кои во почетокот на септември, во знак на националниот празник 8-ми Септември, поаѓаат на искачување на Кораб. Тука се наоѓа караула, на границата со Албанија. До малата ширинка околу караулата што е на висина од околу 1.500 метри, во нормални услови се пристига и со обичен патнички автомобил. По станицата, се продолжува уште четири километри, до лактот од лева страна, кој води нагоре до караулата. Меѓутоа, неколкуте помали одрони по патот нé потсеќаат дека по големи дождови не е најумно да се вози по карпест терен. Toyota RAV4, патем, го покажа тоа што имаше да го покаже и нé увери дека камењата и суровата природа не се туѓи за неа.

Откако ќе се испроба на терен, Toyota RAV4 почнува да покажува детали во изгледот што не се толку „фини“. Во овој автомобил се крие издржлив и способен теренец

Можеби малку поекстремен терен, но без опасноста од одрони, ќе ги покаже границите на СУВ-пионерот? Подолу има еден пат што искачува право во шумата. Претходните дождови имаат направено кал по патот, а слевањето на водата на повеќе места го поткопало патот, оставајќи корита длабоки по петнаесетина сантиметри. Време е RAV4 да се претвори во вистински теренец.

За тоа е доволно да се притисне копчето Trail, што се наоѓа пред бирачот за програми за возење. Функцијата на ова копче е да обезбеди тракција на лизгава подлога. Кога електрониката ќе забележи пролизгување на едно од задните тркала, тогаш ги активира сопирачките на истото и дозволува вртежниот момент да се пренесе на спротивното тркало, што има повеќе контакт со подлогата во моментот. Тоа е исто со функцијата на класичниот диференцијал со механичка блокада. Но, како Toyota го пренесува вртежниот момент до задната оска, а нема карданско вратило?

Хибридниот RAV4 поседува втор електромотор назад, многумина љубители на теренското возење ќе се одушеват од финото дозирање на моќноста на електромоторот

Покрај предниот електромотор-генератор со моќност од 120 КС и вртежен момент од 202 њутнметри, верзијата на RAV4 со погон на сите тркала поседува и втор електромотор-генератор назад. Неговата моќност е 55 КС, вртежниот момент е 121 њутнметри. Пресметувајќи го преносот, фактичкиот вртежен момент што го пренесуваат задните тркала изнесува 1.300 њутнметри. Тоа е за 30% повеќе во споредба со претходникот и споредливо е со моќноста што се пренесува кај механичките системи.

Предното тркало горе, задното тркало долу – теренските возила не се новина во Toyota, напротив нејзините инженери имаат огромно искуство стекнато со Land Cruiser и Hilux

Со исклучително мазно пренесување на моќноста до четирите тркала, што на моменти може да достигне сооднос 20:80% меѓу оските, Toyota лесно се искачува по лизгавиот терен со одвај притисната педала за гас. Единствено е потребно повеќе внимание при преоѓањето преку „рекичките“, исто како што треба да се внимава каросеријата да не наседне во длабоките канали што ги оставиле тешките теренци на пограничните служби и што се полни со вода по дождот.

По половина час искачување, запираме на место од каде што се добива незаборавна глетка. Додека само момент порано беше тивко, безбедно и спокојно во кабината на Toyota, сега се покажува дека патот всушност води над провалија длабока неколку стотини метри, какви што се вообичаени за целиот планински масив на овие висини. RAV4 е на висина од близу 2.000 метри, по тежок планински пат на Кораб, каде што е малку веројатно дека претходно возел некој друг примерок од овој модел, освен можеби Toyota Land Cruiser.

Масивниот вртежен момент што доаѓа од двата електромотори и интелигентниот менувач CVT дозволуваат теренот да се совладува релаксирано, додека не се излезе од возилото и се погледне патот што останал назад

Токму тоа спокојство зад воланот укажува на вистинската теренска способност на СУВ-моделот што е многу повеќе од таков. Доколку бевме со „вистински“ СУВ, што на местата на кои RAV4 минува како од шега ќе требаше добро да се притисне и што ќе тропаше, ќе се клатеше, ќе наседнуваше и ќе пролизгуваше веројатно на секои десетина метри, тогаш уште претходно ќе почувствуваме по каков терен всушност возиме. Toyota го „прикрива“ сето тоа, го претвора теренското возење во пријатно доживување.

Човек учи да го почитува автомобилот откако ќе се најде над блиските врвови. Во следните продолженија ќе ги провериме и лимузинските квалитети на RAV4, а можеби се кријат и динамички потенцијали во овој супертеренец со еден мотор и два електромотори

Како што го почнуваме спуштањето, излезени од шумата, додека веќе лие нов облак, забележуваме колку всушност биле питоми сите места што претходно при искачувањето ни личеа како многу сурови – во споредба со пределите на кои бевме само десетина минути претходно. Почнуваме трка со облакот, RAV4 не се противи. Како што биднува секогаш по дожд, следи сонце. Облакот скршнал некаде на друго место. По добро завршената работа и неколкуте вредни кадри, време е да се запре на една од бројните широки ливади и да се ужива во гостопримливоста на планинава, во нејзината моќна и разновидна енергија. Тоа доаѓа како еден вид награда, како знак за взаемната почит.

Кораб нé одушеви. Поточно, одушеви Toyota RAV4 по планината што одушевува. Огромно изненадување ни приреди овој автомобил што личи како да е од булеварски тип, а неколкупати е поспособен од неговите конкуренти, што само глумат RAV4, додека реално се обични комбилимузини, качени на големи тркала и обложени со шарена пластика – кои им носат голема заработка на производителите. Наспроти нив, овој автомобил е теренец. Во следните два дела од оваа репортажа продолжуваме прво кон Битола, а потоа и до Тетово.

Уште неколку моменти на тема Кораб

» За Голем Кораб се верува дека е повисок од Триглав, но во времето на поранешната заедничка република, не одговарало највисокиот врв да се наоѓа во Македонија. Повеќе за тоа на следниот линк (му благодариме за линкот на редакцискиот пријател Венцислав): https://www.igeografija.mk/Portal/?p=2697

Колку е висок највисокиот врв во Македонија?

Планинарски клуб Кораб

http://www.korab.mk/

Македонскиот револуционер Ѓорче Петров за Кораб:

Врвовите Крчин и Кораб се едни од највисоките во целата Шарска верига, при што местните луѓе ме уверуваа дека Кораб е многу повисок од врвовите Шар и Љуботен, но тоа не се дознало од патописците, затоа што никој не се искачил на него. Всушност, тие два врвови се недостапни, едно затоа што населението во околината е диво и ги прави недостапни, друго затоа што нивните карпести падини особено во горниот дел се така стрмни, што се непристапни за човека. За највисоки ги претставува и легендата, со која местното население го толкува настанокот на имињата Крчин и Кораб – таму дедо Ное со својот кораб се чукнал од карпите или „крцнал“ како што кажуваат на дебарскиот говор, од што и планината се нарекла Крчин. Истата легенда други ја прикажуваат за Кораб. (https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%9A%D0%BE%D1%80%D0%B0%D0%B1)

 

Какво е Вашето мислење

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Коментари

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вчитувам

0
BMW X7 Edition Dark Shadow

BMW го стави X7 во „темна сенка“

Mercedes eVito на струја е интересен за фирмите

Mercedes eVito на струја е интересен за фирмите